Петар Печков
Објавено: среда, 08 септември 2010
Место за идеален викенд туризам, со ноќевање во предели кои ќе ве привлечат повторно да дојдете. Прекрасна природа и шума, можност за излет е понудата што тешко се одбива. За овие објекти, кои нудат алтернативен туризам малку се знае, но тие што ги посетиле често се враќаат кон нив.
На еден час патување од Велес со автомобил, бргу ќе се стигне еден до двата објекти кои се сокриени во шумата, која ги заробила двете села. Малкуте жители кои во лето престојуваат во селата ќе ви посакаат добредојде, а сместување во објектите ќе ви понудат домаќините, домарите. Тој во селото Мокрени е сопственост на Планинарското друштво ,Металург,, располага со 30-тина кревети и со некогашниот селски дом стопанисува од 1993-тата година.
Најчесто гости во домот кај нас се организирани групни посети, училишта, студенти, црвен крст, играорни групи. Освен чист воздух им нудиме добри прошетки по планината, врвот Биса од каде се гледа Пелагонија, планината Баба и РЕК Битола. Домот е на 600 метри надморска височина и до него се стигнува со воз до Богомила од таму пеш за два часа по маркирана планинарска патека – вели Драган Гичев претседател на спортско - планинарското друштво ,,Металург,,.
Домот е опремен со вода, струја, кујна, трпезарија, уреден и чист. Селото лето има 30-тина жители кои тука во свежина ги минуваат летните денови. Посетителите ја посетуваат и селската црква Св. Никола изградена од Андреја Дамјанов во 1852-та година која има прекрасен иконостас, како и фрески и икони.
Интересна е легендата, која селаните ја прераскажуваат, за како трите села Мокрени, Ораов дол и третото Габровник, кој е сосед со двете, ги добиле имињата. Тројца браќа дошле во овој крај и сите се населиле на различни места, каде формирале населби и се вдомиле. Габро го формирал селото Габрово, Мокро селото Мокрени а третиот брат чие име е не познато го оформил Ораов Дол, а името е по бројните ореви кои биле во долот покрај реката. Сите три села се во круг од 2-3 километри.
Токму близината на двата дома ќе биде можност да се развива планинарскиот туризам во овој дел на Азот, каде поради земјениот пат доаѓаат вистинските љубители на планината и пешачењето. Таков е случајот и со домот ,,Браќа Јаневи,, во селото Ораов дол, чија гордост е селската чешма за која постарите жители го прераскажуваат преданието дека е од римско време. И овдешниот дом е сред село, преуредено некогашно училиште, кое има 30 легла, има купатило, кујна, трпезарија, вода и струја.
Започнавме кампања за развој на алтернативниот туризам и на повеќе граѓани им ги доближиме природните убавини на овој крај. Тука има бројни културно–историски споменици, кои вреди да се посетат. Низ овој крај минел Февруарскиот поход од НОВ поради што има и неколку обележја, потоа има природна убавина како големи камени грамади наречени Големец, потоа водопадите на Ораовска река.Посетителите можат да го посетат и блискиот врв Кадиица од каде се гледа Прилепско поле и Крушево. Во селото има црква Св Никола дело на Дамјанов, која е богата со икони и фрески - вели Драган Адамчевски претседател на планинарското друштво ,,Гемиџии,,.
До домот се стигнува од железничката станица Теово и потоа пеш два часа одење до селото. Селаните раскажуваат и како двете планини Даутица и Јакупица го добиле името, во времето на турското владеење. Тогаш во овој крај владееле две богати семејства, кои се скарале за еден коњ. Поради него дошло и до крвопролевање, ва велешкиот бег решил да ги смири со тоа што им подари по една планина на Јакуп Јакупица на Даут Даутица, додека Бабуна останала со ист топоним, го сочувала уште од времето на Филип Втори.
Овие преданија се влечат и во денешно време, па овој крај е често посетува од трагачите по закопано богатство бидејќи веруваат дека овие две семејства, на Даут и Јакуп кога заминувале од Македонија, оставиле богат плен злато, кој уште се бара од авантуристите по околината на Мокрени и Ораов дол. Во овој период од годината, гостите освен што ќе уживаат во свежината на планината Бабуна, ќе можат да собираат печурки, планински чај или капини по шумските ледини.
Посетителите на овие два дома можат да го посетат манастирот Св Спас во селото Мокрени, а кога ќе стигнете пред него се отвора прекрасен поглед, како да сте во Швајцарија, на надморска височина од 700 метри, обраснат во папрат и со предупредувања дека во околината има ѕверки, диви свињи, мечки, волци, лисици. Конаците се во сопственост на МПЦ на Повардарската Епархија и не се достапни за ноќевање, но затоа одморот од пешачењето под ладните сенки од лоза е добредојден. Во близина, во селото Теово, е манастирот ,,Св.Архангел Михаел,, каде може да се ноќева во одлични опремени две и три креветни соби, со телевизија, но во спокојот и мирот на планината Јакупица.
За посета на манастирот не треба многу трошење енергија, бидејќи железничката станица во селото Теово е на десетина метри до него. Прошетката во овој дел од реонот на Азот се заокружува со посетата на прекрасниот манастир Св. Богородица во селото Согле кој потекнува од 15-тиот век, но за да се стигне до него ќе мора добро да се пешачи, бидејќи е сместен во густа планинска шума.
Tweet |