Петар Печков
Објавено: вторник, 18 јули 2017
Граѓаните реагираат што во одделни делови на градот, не работи уличното осветлување. И тоа повеќе денови континуирано. Се случува во населба Речани, на улица Костурска близу ОУ Блаже Конески. Жителите се јавиле до локалана власт и барале осветлување.
Реагиравме бидејќи цел месец нема струја по улицава, трепка. Имаме деца по мрак си доаѓаат дома. Ни рекоа стрпете се. Но ние редовно со сметките за струја ја плаќаме и таксата за улично осветлување, сакаме за тоа што плаќаме да добиваме услуга. Ако немаат светилки ќе си купиме, нека ги наместат - велат велешани, кои живеат во улици каде одреден период нема улично осветлување.
Жителите од ул. Тодор Јанев тврдат дека чекаат улично осветлување од почетокот на годинава.
Од локалната власт велат дека проблемот име познат и наскоро ќе биде решен. Но требало време додека се распише тендерот и некој добие на него.
Деновиве можно е да се случи на одредени места и позиции во градот да има прегорена улична светилка и истата да не биде заменета навреме, затоа што е истечен тендерот. Локалната самоуправа во моментов има започната процедура за избор на фирма односно економски оператор кој ќе ја изведува оваа активност во наредниот период. Јавниот повик е распишан и истиот е отворен до 20 јули. Потоа ќе се одржи електронска аукција на која ќе се избере електронскиот оператор со најповолна понуда – одговорија на поставеното прашање од Општина Велес. Објаснуваат дека откако ќе поминат роковите за жалба, локалната власт ќе потпише договор со економскиот оператор кој е избран да ја извршува оваа активност. Потоа ќе започнат со осветлување на улиците каде нема светилки.
Поради ситуацијата која е чувствителна Општина Велес се надева дека процедурата ќе заврши во најкус можен рок по што новиот економски оператор ќе добие налог за брза замена на сите електрични светилки кои не се во функција- додаваат општинските власти.
Tweet |