речник контакт

Низ солзи обвинетиот за сообраќајката кај Чичево лани призна вина

Во сообраќајката почина едно лице, две други преживеаја со тешки повреди. Сите четворица биле другари од детство

Петар Печков

Многу емоции, солзи, болка и тага имаше во судницата, на судењето за сообраќајката во која почина еден млад живот, двете други момчиња минале со тешки повреди од кои уште не се опоравени како и возачот, кој мина со тешки повреди скршеници. Сите четири момчиња биле другари од деца, кои животот до кобната вечер на 28 август лани, го минале заедно. 

„Изразувам длабоко сочувство кон родителите на починатиот Љупчо, каење и барам прошка од моите другари, жалам од срцето и со душата за стореното. Ја преземам одговорноста за делото, ќе ја носам цел живот“ рече низ солзи Панче Аџиов (23 год) обвинет за сообраќајката. 

Тој поголем дел од судскиот процес плачеше, плачеа и родителите на починатото младо момче Љупче Ончев (21 год). Таа се случи минатата година на 28 август, 10 минути по полноќ во близина на селото Чичево, откако четворицата другари се враќале од славата на манастирот Св. Архангел Михаил.

„Традиционалната прослава на верскиот празник  е причина поради која сме сите во оваа судница. Консумирањето на алкохол на обвинетиот кобната вечер и големата брзина на управување на возилото, несоодветна за тој дел од патот, била причина за еден изгубен млад живот и двајца тешко повредени кои последиците уште ќе ги чувствуваат цел живот, и физички и психичките“ – кажа обвинителката Гордана Тодорова. 

Таа потсети дека обвинетиот имал забрана за управување на возило поради управување под дејство на алкохол, која мерка требало да се реализира после кобната сообраќајка. 

Аџиов е обвинет за кривичното дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.

„Да потсетам дека и тој  е жртва на сообраќајката, имал тешки повреди со последици по неговиот живот и здравје. Панче изрази искрено жалење и каење за стореното дело, тоа не е само формален чин“ – кажа бранителот, адвокат  Марјан Андреев. 

Со тешки телесни повреди минаа  а последиците уште ги чувствуваат Христијан Лазовски (23 год) и Бојан Петровски (21 год). Тие не побараа штета за предизвиканите повреди од сообраќајката.  Судијата Шефшет Адеми, претседател на петчлениот совет најави дека пресудата ќе ја објави дополнително.

АНКЕТА »

Кој ќе биде нов светски првак во фудбал?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »