Петар Печков
Објавено: петок, 22 октомври 2010
Лизгањето на земјата загрози десетина куќи во стариот дел на Велес, на улица Коле Цветков. Поројните дождови кои деновиве интензивно врнеа, придонесоа во текот на вчерашниот ден, земја и камења да се лизнат и да се заканат по безбедноста на луѓето од овој дел на градот. Тие посочуваат дека овој проблем е одамна, но решение и нема.
Новите дождови го актуелизираа стариот проблем а тоа е земјата која се лизга од задниот дел на куќите во должина од целата улица. Многу пати сме побарале помош, но ја нема. Се најавува дека ќе дојдат следната седмица а тоа никако да се случи. За тоа време, нашите куќи, нашите имоти се загрозени. Државата требало навреме да интервенира кога дивоградби започнаа да се градат во горниот дел од населбата. Сите градат кој кај ќе стигне и како сака, без план. Тие придонесуваат земјата да има оптоварување и таа се лизга па е закана по нас – вели Лазо Митревски на кого при минатогодишниот инцидент му падна карпа врз куќата. ]
Таа сеуште е таму, и покрај ветувањата дека ќе биде отстранета. Писмено се обратиле до локалната власт, Дирекцијата за заштита, комуналниот инспектор за што поскоро да се преземат потребните мерки за поставување на потпорен ѕид. Тој ќе помогнел и кога имало врнежи, бидејќи тогаш тука минела вистинска река од паднатата вода.
Најстрашно е кога врне, тогаш низ нашите дворови минат огромни количества вода, како река. Таа уништува дел од домовите но и остава смет. Секогаш по таков порој, јас морам самоиницијативно да полнам два трактори со шут, кој сами си ги плаќам. Сите подруми на соседите се полни со вода и тоа од пред една година, иако претходно ја немаше. Треба дасе испита зошто е тоа така – вели Томе Ризовски.
Сите жители од овој дел на градот посочуваат со прст кон локалната власт, која не презела адекватни и навремени мерки. Бараат итно да се санира теренот. Од општината објаснуваат дека постапката за санација на земјиштето е во тек и наскоро ќе започне изградбата на потпорен ѕид, не само на ова улица, туку и на други локации во градот, каде има карпи кои се закана по луѓето.
Општина Велес заедно со УНДП програмата, за интервентно решавање на проблемите на граѓаните, се договоривме освен санација на карпата кај Св. Пантелејмон, тоа да се стори и на улиците Коле Цветков и Питу Гули. Овие карпи се закана по жителите и затоа ќе го решаваме заеднички – изјави Костадин Настовски раководител на секторот за урбанизам во општина Велес. Причина за одолговлекувањето на изградбата е што на првиот тендер распишан од УНДП не се јавил ниту еден заинтересиран, па постапката морала да се повтори. Сега кога е познат изведувачот веќе од следната седмица ќе започнеле градежните работи за изградба на потпорен ѕид, на двете улици заеднички.
Tweet |