Петар Печков
Објавено: среда, 11 јули 2018
Слободан Близнаковски координатор на третата Изборна единица за ВМРО- НП и Зоран Арсовски претседател на ВМРО – НП за Велес, кои на овие функции биле во 2013-тата се ослободени од обвинението дека сториле кривично дело ,,загрозување на сигурноста,,. Ова е пресудата која ја изрече судијката Габриела Гајдова, откако претходно, нејзиниот колега Шефшет Адеми пет пати ги ослободуваше функционерите на ВМРО-НП, па Апелација го иззема и побара нов судија, наместо тие да донесат одлука за овој предмет.
Судијката Гајдова во пресудата пишува дека оштетената Рајна Стојанова не е службено лице кога се случувал настанот, дека обвинетите со ништо не го сториле делото за кое се товарат и дека делото за кое се гонат не е кривично дело според Законот. Ова е шеста ослободителна пресуда за овој предмет кој застарува следната 2019-та година.
Сведоците на настанот во судскиот процес не потврдиле дека заканите биле кажани. Наспроти тоа двајцата обвинети и сведоците, на судењето кажаа дека Стојанова на состанокот се жалела на притисоци од другата страна. Дури во партискиот записник од состанок на велешкото раководството на ВМРО-НП, одржан на 14.04.2013 година, кој е дел од доказите во овој предмет, цитиран во пресудата пишува на што се жалела Стојанова од другата страна, при што не е прецизирано која е таа друга страна.
Таа побарала помош оти имала силни притисоци, на работа и дошле две лица со пиштоли кои барале од неа да премине, ако не го стори тоа ќе имало спектакуларно апсење поради наводни криминали во нејзината работа - сметководител. Дури Стојанова кажува и како се одвивала конститутивната седница на велешкиот Совет, кој работел 15 минути, па паузирал 15 минути со цел вршење притисок врз неа.
На овој состанок со Близнаковски, тој и кажал дека партијата ќе ја заштити, ќе побара помош од меѓународни институции ако отворено каже што и се случува, на што таа рекла дека не верува во такво нешто. Близнаковски рекол да го врати мандатот, Рајна одговорила дека не може, оти има силни притисоци врз неа и нејзината фамилија. На првото судење во 2014-та, прашана од судијата Адеми кој тоа и се заканувал Стојанова да премине на другата страна, таа рече дека не може да зборува за тоа. Пресудата не е правосилна.
Според обвинението Близнаковски на партиски состанок и рекол,, Ти на мек тон не разбираш, ќе треба да ти кажам грубо, доколку не го вратиш советничкиот мандат ти и твојата фамилија ќе бидете искоренети, не си свесна што правиш и што ќе ти се случи, ќе дојдат луѓе од страна- знаеш од каде од Бугарија“. Овие зборови таа ги доживеала како траума.
Второ обвинетиот Арсовски на Стојанова според обвинителниот предлог и упатил сериозни закани со зборовите „Да знаеш ќе донесат специјалци од Бугарија и нема да помине се така лесно, тоа ти е поздрав од Љубчо Ѓорѓиевски“. Од овие зборови оштетената се почувствувала несигурна и загрозена и се исплашила за својот и животот на членовите на семејството.
Tweet |