Петар Печков
Објавено: среда, 27 април 2022
Излезе од печат „Само Бог простува“ нова, четврта книга на младиот автор, велешанецот Анде Јанков. Таа е издание на издавачката куќа „Антолог“. Иако е дипломиран економист, тој пишува романи и ова му е неговата втора работна обврска.
„Ова е трет роман за истрагите на инспекторот Виктор Николов. Една недела по излегувањето од печат, има голем интерес за неа. Тоа ми е особено драго, но и поттик за да продолжам натаму да пишувам“ - вели авторот Јанков.
Неговите три претходни книги „Едно лето на Крит“ издадена 2016-та, „Виенски гамбит“ издадена 2020-та, „Сигурен ризик“ издадена лани, предизвикаа голем интерес и читаност а истрагите на инспекторот Виктор Николов, ги оставаат читателите без здив но со неизвесност кој е сторителот. Трите романи имаа неколку изданија, бидејќи тиражите бргу се продадоа.
„Сакам да читам литература со крими заплети, трилери и затоа такви и пишувам. Инспирацијата и мотивацијата ја наоѓам од секојдневниот живот. Живееме во такво општество, има од што да се инспирираме, работите не се совршени. Општествените услови прилегаат да се твори во овој крими -трилер жанр“ - додава Јанков.
Во своите дела Јанков одлично се впушта во жанрот трилер, кој секогаш има своја публика, каде со големо мајсторство ги внесува читателите во мистериите на извршените убиства. И со разрешницата, која малкумина ја очекуваат или претпоставуваат, ги држи до последната страница од книгата.
Авторот смета дека овој жанр, трилерот, малку е присутен кај македонските автори а има своја публика која го посакува. Една од книгите е подготвена со сценарио и за тв серија а еден од неговите романи „Едно лето на Крит“ може да се најде и на „Амазон“.
Tweet |