Петар Печков
Објавено: среда, 28 октомври 2026
Нова кривична пријава за Атанас Костов од Валандово за кривичното дело „Намерно предизвикување стечај“. Тој е осомничен од Управата за финансиска полиција (УФП), заедно со уште еден бизнисмен Ј.Т од Дојран и две правни лица, сопственост на двајцата осомничени со седишта во Валандово и Дојран. Според истрагата спроведена од УФП, целта е избегнување долгови кон доверители во вредност од стотици милиони денари за што до ОЈО Велес е поднесена кривична пријава за „Намерно предизвикување стечај“, за која законодавецот предвидел казна затвор до пет години.
Според наводите на Финансиската полиција, првопријавениот Костов,сопственик и управител на фирма од Валандово, во периодот од 2020 до 2023 година наводно преземал дејствија со цел да избегне исплата на обврските кон повеќе доверители. Најголемиот долг, според истрагата, бил кон странското правно лице „АММА“ од Виена Австрија, кој изнесувал 289.617.022 денари, додека обврските кон Управата за јавни приходи изнесувале 883.283 денари. Сомнежите се дека преку преземените дејствија била создадена привидна финансиска немоќ на фирмата, со што требало да се оневозможи наплатата на долговите.
Според поднесената кривична пријава Костов склучил договор за закуп со друго правно лице со кое, исто така, управувал. Иако договорот, според Финансиската полиција, не бил реално спроведен ниту бил евидентиран во сметководството, по неговото еднострано раскинување во 2023 година биле евидентирани пенали во износ од 233,7 милиони денари. Врз основа на нив бил запишан товар врз имотот на друштвото. По приговор од доверителите, Основниот граѓански суд Скопје донел привремена мерка со која било запрено извршувањето. Откако не успеал обидот за отуѓување на недвижниот имот, Костов според пријавата, со помош на Ј.Т., управител на правно лице од Дојран, презел дополнителни дејствија за предизвикување стечај на фирмата.
За таа цел биле префрлени четири милиони денари по основ на позајмица. Средствата претходно биле примени од правно лице основано од сопругата на Костов, Емилија Заева Костова, прва братучетка на екс премиерот Зоран Заеев, по што бил поднесен предлог за отворање стечајна постапка против друштвото.
Во Основен суд Велес две години тече судскиот процес во кој Костов е обвинет заедно со Томчо Органџиев тогашен управител на „Дена продукт“ за „оштетување на туѓи права“ и други две лица за „несовесно работење во слуѓбата“. Процесот паузира, бидејќи судијата побара супер вештачење, откако вештачењето на обвинтелството и на техничкиот советник на одбраната се дијаметрално спротивни. Според обвинието, обвинетите со фиктивни фактури за долгови, позајмици и компензации го префрлале имотот на компанија во сопственост на сопругата на Костов Емилија Заева-Костова, за да избегне да им ја плати штетата на Австријците во вредност од 4,8 милиони евра, потврденa од меѓународен арбитражен суд. Тие отфрлија вина, кажаа дека не се чувствуваат виновни.
| Tweet |




