Петар Печков
Објавено: петок, 09 ноември 2018
Новата генерација на војници доброволци денес дадоа свечена заклетва во велешката касарна Алексо Демниевски Бауман. Меѓу стотината војници беше и Ана Најдова Личнова кавадарчанка мажена во Неготино. Таа е прва и засега единствена од 36-те генерации војници која се реши да служи доброволно воен рок а воедно е и мајка. На свечениот чин присуствуваше и 3,5 годишната ќерка Мила. Возбудата што по десетина дена повторно ја гледа мајка си беше голема а детските рачиња силно ја гушкаа Ана.
Разделбата со ќерката беше тешка, но за да успеам во животот и заради неа и заради мене ќе стиснеме заби. Што се однесува до војничкиот живот во првите денови беше ново и тешко, но потоа се привикнавме и станува навика, рутина. Планирам еден ден да бидам дел од професионалниот кадар на АРМ - кажа Најдова Личнова. Нејзината ќерка од силната возбуда што повторо ја гледа мајка си , но во војничко одело, срамежливо детски не сакаше да зборува.
Таа била вработена во фабрика за автомобилски делови во Кавадарци и е завршена правен техничар. Ана е една од десетте жени меѓу 104-те војници доброволци кои во касарната во Велес следните три месеци ќе бидат на обука и ќе служат воен рок. Досега во претходните генерации околу 5,2 илјади доброволци отслужиле воен рок за 13 години. Свечена заклетва даде и скопјанецот Музефер Пајазити.
Мојот сон беше да бидам дел од армијата. Моите родители зборуваа да се отслужи војска потоа е друг животот, се одлучив да се пријавам. Тука има ред, дисциплина и ми е чест да бидам дел до АРМ. Почетокот беше тежок, но потоа се научивме. За сите е исто нема делба - рече Пајазити. Свечената заклетва им ја честиташе заменик началникот на Генералштабот на АРМ генерал мајор Азем Нуредин.
Акумулирајте што можно повеќе знаење во идните три месеци, период на обука. Бидете свесни, совесни и дисциплинирани. Чувајте те се себе си и помагајте на тие околу Вас. Градете ги меѓучовечките и меѓу националните односи, чувајте го угледот на АРМ. Во ешалонот има претставници на сите етнички заедници од Македонија, и машки и женски. АРМ не признава пол, етничка и верска припадност. Армијата ја гарантира иднината, мирот и спокојот, интегритетот и сувереноста - порача генерал мајор Нуредин.
Tweet |