Петар Печков
Објавено: вторник, 10 март 2015
Новата театарска зграда, која велешани трпеливо ја чекаа со години, откако се отвори, девет месеци е без редовен репертоар. Свечено беше предадена во употреба на 27 јуни а првата премиера се одржа половина година подоцна на 20 декември. Иако беше најавувано дека премиерата ќе биде во септември, па во ноември се случи на крајот од годината. Образложението беше дека вработените, техничарите, треба да се воведат во новите можности кои технологијата ги дава.
Премиерата на ,,Најважната работа на светот,, беше со три претстави, за потоа пак два и пол месеци пауза, за да втората ,, Приказни од шестиот кат,, се одржи неодамна. Така за девет месеци откако зградата беше предадена на актерите, се одржаа само скромни пет претстави. Иако на отворањето беше најавено дека по премиерата ќе има редовен репертоар со пет претстави неделно. Премалку за како што и самиот Васил Зафирчев уметнички директор на театарот ,,Јордан Хаџи Константинов Џинот,, вели ,,театарот е единствено место во Велес, кое нуди некаква културна содржина,,
Изминатиот период имавме интензивни подготовки за тековниот репертоар, оти новата театарска зграда бара нов протокол на професионално однесување. Голем број од нашите досегашни претстави треба да се адаптираат во делот на дизајнот и сценографијата, за да одговараат на новите потреби и услови кои ги има во објектот. Очекувам дека осум активни претстави ќе бидат атрактивни за публиката и ќе ги вртиме на репертоарот. Очекуваме дека во оваа прва половина од годината, да имаме богата програма, не само театарска понуда. Ќе дојдат не само од театарската туку и од други сценски уметности - изјави Зафирчев.
Најави дека оваа седмица започнале со подготовки со новата претстава, прва од годинашнава програма, тоа е ,,Кралот Иби,, од Алфрет Жари со Зоран Љутков во главната ролја. Неизвесно е кога повторно ќе биде прикажана премиерната ,,Најважната работа на светот,, со која започна да работи новата зграда, оти една од актерките имала здравствени проблеми па таа засега останува со трите премиерни прикажувања. Директорот на театарот Ордан Витанов побара трпение од публиката.
Имаме ситуација со нова татарска зграда која и ние не ја познаваме, ја испитуваме. Имаме план од нови претстави, четири кои ќе гледаме да ги реализираме во првата половина, првите 6-7 месеци од годинава. Потоа минимум уште три наши сопствени претстави од наш буџет. Ќе работиме на адаптација на старите претстави, за да влеземе во ритам, континуитет, да не прекинуваме се до Фестивалот на Античка драма во јули. Не знам само како колегите актери ќе го издржат во ова темпо. Да не се заглавиме во амбициите, во желба да направиме многу а да остане на ништо. Да бидеме трпеливи, а ако не биде така на крајот од јуни ќе има што да муабетиме -рече Витанов.
Тој најави дека во март и април ќе има репертоар со претстави - гостување на нивни колеги од професионалните ансамбли од земјава.
Tweet |