Петар Печков
Објавено: сабота, 29 октомври 2016
До крајот на годината или почетокот на новата ќе може да плаќаме со новите банкноти со апоени од 200 и 2000 денари. Ќе ги печати англиската печатарска компанија “Де Ла Руе”. Планирано е да се пуштат во оптек по 10 милиони банкноти од секој апоен.
Банкнотите ќе имаат најголема заштита за да се спречи фалсификување, ќе се печатат на специјална хартија во бела боја, со вграден воден жиг, заштитна испрекината нитка со впишан текст НБРМ, видливи и невидливи влакна кои рефлектираат во жолта, сина и зелена боја под дејство на ултравиолетови зраци и зајакнати рабови за да се спречат физички оштетувања.
На банкнотите од 200 денари ќе има мотиви од релјеф од виничките теракотни икони, како и елементи од челната фасада на Шарената џамија во Тетово.
На банкнотата од 2.000 денари, на предната страна ќе стои македонска невестинска носија од Прилепско Поле, а на задната ќе има декорација од внатрешна страна на позлатен сад.
Одлуката за печатење на книжни пари во апоени од 200 и 2.000 денари е направена со цел да се излезе во пресрет на барањата на граѓаните, ако се знае дека тие многу ретко ја користат 5.000-ката.
Tweet |