речник контакт

Нови повисоки цени за ѓубрарината, зеленилото, гробарината

Велешани од овој месец ќе плаќаат повисоки цени на ѓубрарината, зеленилото и гробарината со цел да се санираат загубите во ЈКП Дервен.Првичните пресметки се дека сметките ќе бидат зголемени за 20 отсто или по 100 денари и повеќе.

Петар Печков

Велешани од овој месец ќе плаќаат повисоки цени на ѓубрарината, зеленилото и гробарината со цел да се санираат загубите во ЈКП Дервен кои за половина година изнесуваат 7,5 милиони денари а доколку се продолжило со постојните загубата на крајот од годината ќе достигнала и до 20 милиони денари. Граѓаните пресметале дека месечната сметка ќе биде потешка за најмалку 100 денари, наспроти досегашната просечна од 500 денари. Од раководството на комуналното претпријатие смируваат, 90 отсто од цените остануваат исти.

Со постојните цени се доведува во прашање редовната отплата на обврските кон добавувачите, набавка на материјали, гориво, резервни делови за одржување на возниот парк, редовното плаќање на обврските по основ на даноци, придонеси и најважното отплаќање на МЕАП кредитот за кој гарант е општина Велес – изјави Драган Дамјановски финансов директор на ЈКП Дервен.

Претходно заради намалување на загубите во претпријатието, платите на вработените беа намалени за 10 отсто а за прв пат тие не добија  регрес за годишен одмор К-15. Со новите цени товарот на покачувањето ќе го почувствуваат претпријатијата. Исфрлањето на смет  за нив ќе биде двојно повисоко отколку досега плус плаќањето по површина.

Граѓаните отсега ќе плаќаат 720 денари годишно за гробно место, наместо досегашните 60 денари за цела година, како и нови 4 илјади денари за надоместок за обележување на гробното место. За зеленилото останува фиксна давача од 20 денари за граѓаните наспроти 100 денари месечно за претпријатијата. Раководството посочи дека велешките цени за гробарина се пониски споредбено со тие во Прилеп, Куманово, Струмица и дека во Велес гробиштата се на три локации во различни делови од градот, што ја отежнува работата.

Политичките партии во велешкиот совет, кој ја одобри новата цена, се искараа кој е виновен за финансиската состојба на ЈКП Дервен, но не разговараа што ќе се постигне со новите цени.  Си префрлаа зошто СДСМ пред две години ја предложил и усвоил повисоката цена, која Уставен суд поради незаконита процедура ја укина, а зошто тогаш ВМРО-ДПМНЕ беше против, за сега да се сменат улогите, ВМРО-ДПМНЕ да бара нова повисока цена а СДСМ да се противи.

  Дервен започна да продуцира загуба од март годинава, прв пат од неговото постоење. Не можеме загубите да ги припишуваме на претходното раководство или на некакво тогашно  вработување на 70 лица. Треба ли да потсетам дека годинава започнавме да плаќаме вода на ЈП Лисиче иако тоа се уште е во инвестиција. Видете колку пари се плаќа за оваа услуга и ете ја загубата. Со ребалансот од локалниот Буџет префрливме 4 милиони денари покрај основните 9 милиони денари. Зошто одлуката за новите цени се доставува сега по половина година од појавата на загубата – изјави Зоран Георгиев од СДСМ.

Претходната одлука за покачување од пред две години беше донесена со оправдување за големи инвестициски проекти,  пред се осовременување на застарениот возен парк. Меѓутоа се распишаа неколку огласи со кој се примија вкупно 66 нови париски војници а еден беше распишан на ден пред Нова година. Но за тоа што беше покачена цената не се случи, за девет години директорување на претходната гарнитура се набавија само две возила, од кое едно беше  скапа службена кола – изјави Александар Колев од ВМРО-ДПМЕ.

Првичните пресметки се дека сметките велешани од следниот месец ќе бидат зголемени  за 20 отсто или по 100 денари и повеќе.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »