Петар Печков
Објавено: среда, 19 април 2017
Четири нови стрип изданија, книги во тврд повез издаде Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес. Со тоа скромното македонско авторско издаваштво на стрип уметноста е збогатено со нови дела.
Отпечатени се ,,Итар Пејо 2 книга,, од Диме Иванов Димано, ,,Цар Гаврило Радомир,, од Миле Топуз, детскиот стрип ,,Убавите нешта,, од Раде Дичоски како и ,,Зад црното сонце,, на српскиот автор Срѓан Николиќ Пека. Тие се дел од нивната годинашна продукција.
Издадовме стрип книги со различни тематски мотиви, со цел да се обратиме на поширок круг читатели, но и нови, потенцијални кои сакаме да ги привлечеме. Имаме историска приказна, детска приказна, трилер и за македонската традиција. Лани издадовме стрип книга за прв пат на албански, годинава продолжуваме на српски – изјави Ване Трајков претседател на Стрип центарот на Македонија.
Во стрипот за Царот ,,Гаврило Радомир,, сместени се и стриповите за Ѓорги Војтех, Добромир Хрс и Стрез господарот на Просек. Годинава дизајнот е на штипјанецот Александар Стеванов кој ги изработи на високо професионално и естетско ниво.
Морам да кажам дека нашите стрип изданија повеќе се бараат во соседството, отколку во Македонија. За жал стрип културата во Македонија има малку публика. Факт е дека Македонците сакаат да читаат стрип ама не сакаат да го купуваат. Голема благодарност до Министерството за култура, кое неколку години издвојува средства за издавање на овие стрипови. За жал кај приватниот сектор нема интерес, никој не помага и доколку не е Министерството нема да имаме македонски авторски стрип – вели Трајков.
Како и лани така и годинава Стрип центарот на Македонија, издаде четири стрип книги. Истите можат да са набавта кај издавачот и во стрип книжарницата ,,Бункер ,, во Скопје.
Tweet |