Петар Печков
Објавено: понеделник, 20 февруари 2012
Новите регистарски таблички ќе почнат да се применуваат од денеска во Скопје, а до крајот на неделата и во другите градови во земјава.
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, на презентацијата на новите таблички во саботата, истакна дека тие се согласно европските стандарди, поседуваат далеку повисок степен на заштита од досегашните и ќе понудат комбинации со што ќе се задоволат потребните во наредните две до три децении.
За разлика од старите таблички, новите ќе имаат четири бројки кои заедно со 20-те букви кои се користат, овозможуваат околу 4 милиони комбинации кои се многукратно повеќе од сегашните.
Цената на новите таблички е како и досега 1.200 денари, со тоа што граѓаните нема да бидат обврзани да ги сменат старите.
Новина е што се воведуваат регистарски таблици означени на поинаков начин по барање на сопственикот. Тие ќе може да содржат најмалку три, а најмногу девет црни букви и броеви, при што натписот не cмее да биде провокативен, неетички или спротвен на правниот поредок на Република Македонија. Ќе се прицврстуваат на предниот дел на возилото. Цената за овие таблички е 1.200 евра во денарска противвредност.
Компанијата „Раде Кончар - Контрактори и релеи“ ќе ги изработува табличките во наредните три години
Tweet |