речник контакт

Ново групно бегство од велешкиот затвор

Ново групно бегство од велешкиот затвор, на тројца затвореници кои избегале во средата вечер

Петар Печков

Илми И. ( 17 год) од Прилеп,  Матеј Т. ( 17 год) од Скопје  и Даниел Г. ( 16 год) од Гевгелија  се затворениците по кој се трага. Стражарите од затворот во населбата Превалец забележале дека тројцата затвореници ги нема околу 18,30 часот, по што ја известиле велешката полиција.  Бидејќи затворот е од отворен карактер, тие  се движеле без забрана во кругот на објектот.

Полицијата  набргу ги блокирала сите патишта на излезот од Велес во правец кон Скопје, Штип и Гевгелија, како и кон Чашка и Богомила. Биле претресувани сите автомобили  кои минувале во овој правец се до вчера утро, но затворениците ги немало, како во земја да пропаднале. Била прочешлана и околината на затворот, населбата Превалец и  селото Горно Оризари, но потрагата тука не дала резултат.

СВР Велес изјави дека тие трагаат по избеганите затвореници но трите лица сеуште се фатени, ниту сами се пријавиле  дека се вратени во затворот. Идентична е ситуацијата и со другите тројца избегани затвореници, кои побегнаа од велешкиот затвор пред седум дена, минатиот четврток.

Петре Севдиновски ( 19 год) од  Струга, Јован Пинза ( 19 год) од Битола и Сенад Раинов (18 год) од Радовиш ни по една седмица не се фатени. Тие попатно украле и еден автомобил ,,застава 101,,  од населбата Превалец, кој подоцна бил пронајден во Радовиш, родното место на еден од избеганите и е вратен на сопственикот.

Сите шестмина избегани  отслужувале казна затвор за кражби, а  во затворот во Превалец имало и затворено одделение каде казната ја издржувале лица кои извршиле потешки казнени дела. Директорката на Дирекцијата за санкции, Лидија Гаврилова објаснува дека затворот во Велес е од отворен карактер, дека полицијата е известена и е распишана потерница по сите побегнати момчиња. Велешкиот затвор од пред некој месец е пренаменет за малолетници и тука отслужуваат казна лица кои во време на изрекувањето биле под 18 години.

Нивното преместување во оваа казнено поправна институција е по препорака на ЕУ,  бидејќи овие лица- малолетници биле со заеднички престој во затворот во Идризово со криминалци кои сториле тешки дела, убиства, киднапирања, сексуални престапи, и не било добро да отслужуваат казна затвор  заедно, го попречувал процесот на рехабилитација.  Затоа тие беа префрлени во ваков вид отворени казнени институции. Во исто време, откако затворот во Велес стана  нов дом за овие лица, во блиската населба Превалец се зголемил бројот на кражбите. Локалното население се жали дека кражбите се дело на затворениците. 

Портпаролот на Владата Мартин Мартиновски најави дека поради неколку групни бегства на затворениците од македонските затвори изминатите десетина дена, таа на вечерашната седница донела одлука за да се зајакне капацитетот  на затворите со нови 40 вработувања и зајакнување на мерките на надзор на објектите.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »