Петар Печков
Објавено: петок, 21 јули 2017
Вечерниот воз од Скопје за Велес, во средата вечер три и пол часа бил на отворена пруга.
Толку време патниците чекале да стигнат дома, но никој ниту ги информирал што се случувало, зошто патничкиот воз стои и кога ќе стигнат во Велес.
Во возот кој од Скопје тргнува во 22,33 имало околу 30-тина патници, сите велешани, повеќето од нив од работа се враќале дома.
Возот застана на Кадина река и тука остана три и пол часа. Наместо во Велес да бидеме во 23 и 30. Стигнавме во три часот утрината. Ниту кондуктерите нешто кажуваа, ниту информираа што се случува, само во пуста темнина стоевме 210 минути. Каков е чувството да се биде во овај дел од ноќта на пруга, во пустелија не може да се раскаже – велат револтираните патници.
Од Македонски Железници информираат дека причината зошто патничкиот воз стоел е дефект на товарен воз кој се расипал на дел од пругата помеѓу Рајко Жинзиров и Кадина река.
Тој дел бил тешко достапен, па додека дошле нивни екипи да г о отстранат дефектот минало време.
Причината пак за дефектот на товарниот воз, кој го препречил патот на патничкиот, била дотраеноста на моторот а доцнењето било 3 часа и 15 минути.
Tweet |