речник контакт

Нутриите ги снема од велешките бавчи

Градинарите застрелале повеќе од стотина примероци, стручњаците велат не се истребени туку само се притаени

Петар Печков

 Велешанките градинари можат да здивнат, нутриите ги снемало. Како што пред два месеци се појавија ненадејно, сега  исти така ги снема, исчезнаа. Откако изеле големо количество на младиот морков помалку на младиот компир, нутриите се повлекле, но ги  оставиле штетите на земјоделците од месноста Речани.

Настрадаа бавчите кои се  покрај Вардар.  Градинарите велат дека успеале со пушка в рака да одбранат дел од годишниот род на рани култури.

Дали ги истребивме или пак ги уплашивме, но повеќе од овие животинки нема. Јас само утепав повеќе од педесетина. Што да се прави, дежуравме ноќно време за да го сочуваме родот. Два месеци водевме војна со нив. Бидејќи излегуваа само ноќе, моравме фамилијарно да чуваме стража, со пушки да го одбраниме родот – вели земјоделец во месноста Речани.

Тој само од изедениот  млад морков од нутриите има  штета од околу 1,5 илјади евра.  И другите градинари од месноста Речани претрпеа значителна финансиска штета. Приближната бројка која тие ја имаат за убиени нутрии е околу стотина примероци.  На шега велат дека можеле да спечалат од продавање на крзното на ова животно, но во Македонија никој не го откупувал.

Имаше примероци на капиталци и по десетина  килограми и повеќе. Сите завршија во Вардар. Ништо ќар немавме од нив. Само зијан.   Не знаеме што понатаму, дали ќе ги има пак, дали ќе се вратат, што јадат – велат земјоделците од Речани.

Според нивни процени штетата која нутриите ја направиле со нивната прехрана и уништување на дел од родот оваа пролет, во месноста е околу 10-тина илјади евра кај сите одгледувачи заедно. Таа нема кој да им ја надомести, досега се немаат осигурено за вакво нешто оти не им се случило. И додека во прво време земјоделците мислеа дека станува збор за големи глувци стаорци, стручњаците објаснија дека тоа се  исто така глодачи но увезени нутрии Тие предупредуваат, нутријата не може да се истреби.

Ова животно најверојатно уплашено од големиот број застрелани единки, сега е притаено. Тоа нема да се исели оттука, да замине на друго место. Има оформено колонија каде ќе остане да живее. Така што прашање на време е кога пак ќе се појават и што ќе користат како храна – вели   д-р Владимир Малетиќ професор на Шумарски Факултет од Скопје.

Ова е трета поголема колонија на нутрии во Македонија, по тие во Дојран и Неготино. Оформени се откако избегале единки од фарма  која  ги одгледувала заради крзно а била во Северна Грција. Во Велес живеат на островче од реката Вардар, на влезот во градот.  Од едната страна е Градскиот парк а другата бавчите во Речани. Првите примероци беа видени при крајот на март годинава. Земјоделците засега пак се слободни, нутриите ги снемало а штета остана сами да си ја надоместат.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »