Петар Печков
Објавено: среда, 06 декември 2023
Основното јавно обвинителство Скопје донело Наредба за спроведување истражна постапка против пет лица, од кои четворица како соизвршители сториле две кривични дела – Грабнување од член 141 од Кривичниот законик, како и две убиства на свиреп начин (едно на малолетно лице и едно од користољубие) заедно казниви по член 123 став 3 од Кривичниот законик.
Осомничени за нејзиното убиство се Велибор Манев и Боре Видевски од Велес, и Влатко Кешишов кои се дел од партијата Десна на првоосомничениот, Љупчо Палевски - Палчо, кој е уапсен во Турција, откако за него беше издадена меѓународна потерница. Петтиот осомничен, таткото на детето Вања, Александар Ѓорчевски им помогнал при извршување на кривичното дело – Грабнување на малолетно лице.
„Постои основано сомнение дека на 22 ноември, четворица од осомничените, по претходен договор и заедно, извршиле грабнување на лице од неговиот дом во Велес со намера да го присилат да го даде неговиот автомобил Цитроен за тие да го искористат за грабнување на малолетно лице во Скопје. Откако влегле во неговиот дом, физички го нападнале, го врзале и со автомобил го однеле во близина на селото Рудник, каде со учество на дејствие на извршување и со друг особен придонес кон извршување на делото, од користољубие и на свиреп начин го лишиле од живот со истрел од огнено оружје од еден од осомничените. На 27 ноември четворицата осомничени, помогнати од петтиот, извршиле грабнување на малолетно лице со намера да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп на детето. Притоа го искористиле и одземениот автомобил. Подоцна на свиреп начин и со умисла ја лишиле од живот жртвата, а со претходно купен бензин го запалиле автомобилот марка Цитроен“ - соопштија од ОЈО Скопје.
Дека Жежовски бил насилно однесен од дома зборува и тоа што во неговиот дом, по исчезнувањето била пронајдена вклучена греалка, на маста неговата чанта од која ги немало личната карта и паричникот.
Телото на Жежовски било пронајдено во шумата во близина на селото Рудник, кај Кула во претходно ископана дупка кога се барало злато, со далбочина од неколку метри. Телото на малата Вања пак беше пронајдено во околината на селото Бразда - скопско. Телата биле пронајдени по кажување на лицата осомничени за помагање во ликвидацијата на Панче и Вања.
На Велибор Манев , Боре Видевски, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, судија во претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје 1 им одредил нова мерка притвор, овој пат во траење на еден месец. Истата може да се продолжува се додека трае истрага.
Од Кривичнот суд во Скопје информираа дека судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје за определување мерки притвор против 4 лица кои во текот на вчерашниот ден беа спроведени во судот, а поврзани со грабнувањето и убиството на малолетната В.Ѓ. од Скопје и убиството на велешанецот П.Ж., го прифатил предлогот на Јавниот обвинител.
„На В.М., В.К., Б.В., и А.Ѓ. им определи мерка притвор во траење од 30 дена, а заради постоење на основите од чл. 165. ст.1, точки 1,2 и 3 од ЗКП. односно опасност од бегство, попречување на истрагата со влијание на сведоци и повторување или сторување ново кривично дело. Воедно судија на претходна постапка го прифати и предлогот за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа за С.Д. кој е осомничен за кривичното дело Помагање на сторител во извршено кривично дело од чл. 365 ст. 3 вв ст.1 од КЗ, а заради постење на основите од точка 1 и 3 од став 1 на чл. 165 од ЗКП“ – соопштуваат од Основен кривичен суд Скопје.
Tweet |