Петар Печков
Објавено: петок, 10 јануари 2020
Златко Крлев - претседател на комисијата за економија во ОК Велес на денешната прес конференција рече дека инвестицискиот бум кој се најавувал од страна на владејачката коалицијата, останал само празно ветување на хартија.
До кога наместо нови странски инвестиции во индустриските зони „Речани“, „Узус“, „Караслари“, „Порцеланка“ и „Мамутчево“ во кои ќе се вработуваат велешани, институциите ќе ги полните со партиски кадри и послушници. До кога ќе ја продолжувате тенденцијата на превработеност во ЈКП „Дервен“? За жал, последната поголема инвестиција која му се случи на градот е отворањето на германската фабрика „Маркарт“ во која многу семејства ја обезбедуваат својата егзистенција. За потсетување, Маркарт се отвори во времето кога Општина Велес ја водеше градоначалник и советничко мнозинство од ВМРО-ДПМНЕ. Во истиот тој период која ВМРО беше на власт се отворија и другите фабрики во кои се вработени многу велешани: „ Дрекслер Мајер“, „Ван Хол“, „Џонсон Мети“ и др. Целата надеж на велешани беше во вицепремиерот Анѓушев, кој наместо да се заложи да го развие економски својот град, остави пустош во него, бетонирајќи ја својата монополска позиција во градот, а за волја на вистината и во државата со измени на законите за тргување и производство на електрична енергија.
Локалната власт во веќе постојните зони нема еден проект за подобрување на инфраструктурата и условите за работа на фирмите кои покрај купување на социјалниот мир преку вработувањата, го полнат и буџетот на општината како даночни обврзници. Токму поради ваквите политики нема ни надеж за подобрување на ситуацијата во реалниот сектор, ниту пак очекуваме зголемен прилив на средства во општинската каса за сервисирање на услугите на граѓаните - рече Крлев.
Tweet |