Петар Печков
Објавено: петок, 20 август 2010
Иницијативата произлегува од Елаборатот за нов концепт на образованието во Општина Велес донесен од Советот на Општина Велес и во него пишува:
Искуството од работата од изминатите 3 учебни години покажа дека кога училиштето би функционирало како еден правен субјект материјалните трошоци за затоплување и потрошена електрична енергија ќе се намалат затоа што сите ученици од предметна настава ќе ја посетуваат наставата претпладне, а сите ученици од одделенска настава попладне.
Тоа значи скратување на времето за затоплување и осветлување на објектот за цели два часа.
Во услови на реализирање на Иницијативата учениците ќе имаат на располагање богат фонд на нагледни средства и ќе ја користат заеднички опремата и библиотека од двете училишта. Вработените во колективот ќе имаат иста одговорност кон одржување на објектот, ќе функционира единствен Училишен одбор и Совет на родители и со училиштето ќе раководи еден орган.
Со формирањето на еден правен субјект ќе се избегне ривалството на училиштата при запишувањето на ученици, педагошко-психолошката служба ќе работи како еден тим и сите вработени ќе бидат фокусирани на реализирање на заедничка програма и единствени во решавањето на заеднички проблеми. Ќе се добие единствена евиденција на инвентарот и ќе се избегне секој вид на неодговорно однесување кон него.
Со формирањето на единствена административна и педaгошко-психолошка служба на училиштето ќе се добијат поголеми просторни услови за работа на воншколските и проектните активности.
При предлагањето на оваа Иницијативата се имаше предвид и континуираното намалување на бројот на учениците во двете училишта што доведе до фактот 490 ученика од ООУ „Благој Кирков“ да бидат распределени во 23 паралелки или 21,3 ученика во паралелка, а 423 ученика од ООУ „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ да бидат распределени во 21 паралелки или просечно 20,1 ученик во паралелка.
Овие податоци се однесуваат само за централните училишта и зборуваат дека во двете училишта бројот на ученици во паралелка е под законскиот минимум (25-34).
Значи во учебната 2009/10 година во централните училишта на двата правна субјекта учеле вкупно 913 ученик. Осмо одделение завршиле 116 ученика, а во прво одделение се запишале 85 ученика. Значи во двете училишта во градот кога би продолжиле да работат како посебни правни субјекти, би учеле вкупно 882 ученика распределени во 36 паралелки (18+18), што е во просек 24,5 ученика во паралелка и под законскиот минимум.
Ако се земе предвид дека бројот на паралелки во овие училишта е поголем од 18, се констатира дека бројот на ученици во паралелка е уште помал и образованието во овие училишта го прави скапо иако се наоѓаат во централно градско подрачје.
Со реализирање на иницијативата, во новоформираниот правен субјект ООУ „Панко Брашнар“ бројот на ученици во паралелка ќе се сведе во рамките на законските норми – од 25-34 ученика во паралелка.
Мали отстапки може да се толерираат единствено во одделенската настава во III,IV I V одделение со цел учениците да останат со своето одделение и со својот наставник до воведување во предметна настава.
Пред три години кога тогашниот градоначалник Аце Коцевски предложи одлука за соединување на овие две основни училишта со исто образложение, двете партии СДСМ и ВМРО ДПМНЕ не ја прифатија а имаше бројни реакции на вработените посебно од ОУ Јордан Хаџи Константинов Џинот, па одлуката не помина.
Што се измени меѓувреме и каква ќе биде сегашната реакција и на двете партии, но и на тогашните најгласни и жестоки противници кај вработените ќе се дознае за неколку дена.
Tweet |