Петар Печков
Објавено: четврток, 17 октомври 2019
Поранешните вработени професори од ОУ Трајко Андреев, сега само останато во помнењето на велешани, се собраа да го одбележат патрониот празник, 17 октомври. Некои се уште активни во образовниот процес, други пензионери, заедно ги поделија спомените од ова училиште, кое се наоѓаше во месноста Дворови.
Дваесет и шест на број, се собраа во Баже пити на дружење. Организатор беше Вера Гајдова, која целиот работен век го мина во ова училиште, како професор по македонска книжевност 24 години и 16 како директор.
Обично се собиравме пензионерите од училиштето. Кога се дозна дека и годинава ќе се собираме за патронатот, се јавија и други сега активни колеги и така се случи овој собир. За училиштето не поврзуваат најубави спомени. Не красеше другарство, прекрасен колектив за работа, вработените чесни и вредни, настојуваа максимално со своите сили и знаења да ги образуваат и воспитаат децата. Така бевме на врвот, никој со никого не беше скаран, немаше лош збор кажано. Бевме едно големо семејство - се присети Гајдова.
Меѓу присутните беа и пензионираните Нада Виларова, Марионка Стојковска, Родна Мурџева, Загорка Стојанова, Калина Петковска, Софка Слабева Зорка Панова, Васка Самарџиева, Милка Савова ..
Тука беше и универзитетскиот професор Еленица Софијанова, која предава на Универзитетот ,,Гоце Делчев,, во Штип на Економскиот и Земјоделскиот факултет.
Моите први чекори во образовниот процес беа во ОУ ,,Трајко Андреев,, мојата животна кариера ја започнав како одделенски наставник. Се што научив во тој период од работата, научив од овие колеги и многу ми е драго што еве пак се собравме, заедно - кажа Софијанова.
Ленче Стојанова е се уште активна, како психологг во ОУ Блаже Конески, каде беше припоено ОУ Трајко Андреев.
Имам незаборавни спомени за колективот, за атмосферата, за колегите. Поминавме многу убави моменти, што може да се види со ова бројно присуство, кај сите нас останале силни спомени. Честитки за колешката Вера Гајдова, која реши да не собере за патронито празник на училиштето - вели Стојанова.
На прашањето дали може да направи паралела на тогашните ученици и денешните, вели, ,,децата се деца,, но можеби со новата технологија и време се потемпераментни. Но беше очигледно дека темпераментноста, не им недостигаше и на присутните на средбата, која им ги одврза спомените, на едно минато време, на заедно минати работни обврски, на време кое останало само во пожолтените фотографии.
Tweet |