Петар Печков
Објавено: четврток, 02 јули 2026
Обвинетиот Димче Цветковски (44 год) или до пред некоја година Ферди Амедов, не го признава делото убиство за кое е обвинет. Тој на почетокот на судењето кое започна во Основен суд Велес, на прашањето од претседателот на Советот Шефшет Адеми, кажа дека не се чувствува виновен. Цветковски е обвинет дека на 5 ноември 2025 година го убил Гело Ѓошев. Обвинителството го товари дека делото го сторил од користољубие.
„Обвинетиот со убиениот биле познаници кои заедно барале културни и природни реткости. Критичниот ден, обвинетиот го земал со возило Гело и со автомобилот се упатиле кон Чашка, поминувајќи го подвозникот, завртел лево и се упатил кон месноста викано Поројница. Тогаш обвинетиот Цветковски, со пиштол од зад грб во десната тилната регија на главата испукал еден куршум и го усмртил Ѓошев. Го одвлекол телото до блиска грмушка и го покрил со јамболија, која таму ја нашол“ – кажа обвинителката Цветанка Богоевска.
Убиениот Ѓошев со него носел 100.000 денари и 1.500 евра, како и три златни прстени, три дебели златни ланци на вратот и два мобилни телефони и еден рачен часовник. На местото бил пронајден еден прстен кој паднал од убиениот додека бил влечен по земја. На убиството учествувало и уште едно засега непознато лице, за кое се откриени биолошки траги но не може да се идентификува.
Златните предмети, парите, мобилните биле одземени од Ѓошев и по смртта не биле пронајдени. Облеката од обвинетиот била пронајдена подоцна на градската депонија а на неа имало биолошки траги од убиениот. Цветковски по настанот два пати го перел возилото марка пежо, па заминал до блиското Лозово а потоа со друштво до Шутка во Скопје и назад, според обвинителството за да си обезбеди алиби.
Овие детали за убиството кој прв пат ги слушна, го вознемирија оштетениот Сашко брат на убиениот Гело, кој беше присутен во судницата. Тој сведочеше за критичниот ден 5 ноември 2025 година.
„Живеевме заедно со брат ми и мајка ми. Утрото Гело стана му сварив кафе, појаде и излезе, никогаш не се врати“ – кажа Сашко Ѓошев во својство на сведок.
На прашање од бранителот на обвинетиот, дали е точно дека Гело бил невработен, сведокот одговори потврдно. Додаде дека давал пари со камата, при што спомена имиња на неколку велешани на кој им дал некому поголема сума пари , некому помала. На едно лице, лично сведокот му ги после парите по илјада евра. На крајот од сведочењето констатира дека сега тие пари пропаднале.
За бранителот, адвокат Ристе Каров, обвинението се засновало на претпоставки. Тој во воведниот говор кажа дека убиениот Гело Ѓошев се бавел со лихварство, имало голем број лица кои му должеле и затоа има ги голем број на лица кои сакале да го нема.
„Биолошки траги може да се најдат на секоја облека, од секојдневна обична комуникација. На облеката нема барутни честички, на испуканото зрно нема биолошки траги, пиштолот не е пронајден. Во обвинението како соучесник се споменува и друго непознато лице и останува нејасно нивното учеството во убиството“ – рече Каров.
Судењето продолжува со сослушување на други сведоци. Во друг предмет исто во Основен суд Велес, Цветковски е обвинет за разбојништво, кога од дом на велешанец со друго лице, среде бел ден одзеле значајна сума пари и злато, при тоа оштетниот физички го нападнале со безбол палка, го онеспособиле со електро шок. И ова дело тој не го признава.
| Tweet |




