Петар Печков
Објавено: понеделник, 23 март 2026
Со сведочења на претставници на фирмата „Феромонт“ од Скопје продолжи судскиот процес за сообраќајката кај тунелот Катланово, во која починаа три лица, работници кои се враќаа од работа од Скопје за Велес.
Сведоците беа предлог на одбраната, која во воведниот говор кажа дека вината не е на возачот, туку во техничката неисправност на возилото со сериозни механички проблеми, директен причинител за сообраќајната незгода.
Обвинетиот возач Орце Димитриев според неговите адвокати, бил принуден да управува со возилото без соодветен патен налог, без тоа да му биде негова работна обврска. Прв сведочеше Илија Савов сопственик на фирмата „Феромонт“. Тој одговараше на прашањата на бранителите Борче Стојанов и Трајче Тошевски. Савов ги опиша обврските на обвинетиот.
„Обвинетиот работеше како бравар. Со одлуката за превоз која ја имаме, согласно Колективниот договор беше предвидено и да учествува во сообраќај со службено возило, да управува возило вон работно време. Истите можат да се користат за одење и враќање од работа. Имаме и писмен документ за ваквото овластување, полномоштво но и обврска за почитување на правилата и прописите во сообраќајот. Лицата кои се овластени да управуваат возило, има денови кога бараат и добиваат слободни часови, што се компензира со работа прекувремено за да се исполни работната обврска. За нив има направено и проценка за ризик“ - сведочеше Савов.
На прашањето дали возилото „форд транзит“ со кое се случи сообраќајката претходно било пријавено дека има неисправност, Савов рече дека имало случај за возило, но не знае за кое, шибер десна врата која се отворила, но тоа било оти патниците ја отвориле делумно за да се разладат и тоа додека патувале по регионален пат. Возилата биле редовно сервисирани кај овластен сервисер. Кажа дека немаат возачи на патнички возила, но со работните обврски кои ги добива, ја добива и таа задача доколку има положено за „Б“ возачка категорија.
Рече и дека не се сеќава дека добил реакција од вработените за управувањето на возилото од страна на обвинетиот Димитриев, што го препиша на стравот да не остане колегата без работа. Ако имало реакција возачот добивал опомена или да биде отстранет, што досега не се случило. На прашањето дали во фирмата имале по овој настан друг во кој има настрадано работник, Савов кажа да, мислејќи на смртта на млад 23 годишен велешанец кому на 19 февруари годинава, на градилиште во Петровец му падна метален профил и го усмрти.
Потоа сведочеше и Виктор Стојчевски одговорен за возен парк на фирмата „Феромонт“ од Скопје. Сведочеше дека возачи имале само за тешките возила, камионите и доколку денот немале обврска со нив, тогаш ги возеле патничките возила. Критичниот ден 16 октомври 2024 година возилото го управувал и во двата правци кон Скопје и кон Велес, обвинетиот Орце Димитриев.
Тоа возило имале можност да го управуваат четири лица, сите тие биле во „форд транзит“ критичниот ден. Сите патнички возила кои ги имале, биле со осум седишта или со четири седишта. Не се сеќаваше дека на возилото со кое се случи сообраќајката, претходно некогаш му се отворила шибер врата.
„Мене од обвинетиот Орце за управувањето на возилото ми се пожалија колегите во 2022 или 2023 година, дека вози брзо. Со него неколку пати разговарав за ова, тој рече во право сте. Не преземав мерки како раководител, бидејќи тој кажа дека нема да се повтори и не добив повторно забелешки на неговото возење, оти ако се повтори, повеќе немаше да работи во фирмата. Бидејќи не добив повратни забелешки, не прашав дали како тој вози“ – рече сведокот Стојчевски.
Во сообраќајката починаа три лица а петмина, заедно со возачот, се здобија со тешки повреди, а некои од нив денес се инвалиди, со трајни последици. Димитриев кој е обвинет кривичното дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ кое го сторил со умисла, не признава вина.
Според обвинението возачот при управувањето со возилото не се придржувал на сообраќајните прописи, возел со брзина од околу 104 км/4ч иако определената брзина била 70 км/ч. а возилото го управувал под дејство на психотропни супстанци.
| Tweet |




