речник контакт

Обвинителот се откажа од кривично гонење на директорите на Фондот за здравство, обвинети за смртта на малата Тамара

Обвинителот го преквалификувал и обвинението за десеттемина доктори членови на првостепената и второстепена комисија, па сега нивното дело е застарено. Ќе остане запомнето дека судија а по некое време и јавниот обвинител се повлекоа од овој предмет, кој со години заглави во судниците

Петар Печков

Пред  искажувањето на завршните зборови во Основен суд Скопје 2, јавниот обвинител Анел Фидовски се откажал од кривично гонење на екс директорите на Фондот за здравство, Елена Парнаџиева и Џемали Мехази  кои беа обвиените за  несовесно работење во службата за случајот со смртта на девојчето Тамара Димовска од Велес.

За другите десет обвинети тој го преквалификувал делото. Тоа се   членови на првостепена и второстепена комисија кои одлучуваа за лекување во странство, наместо член 353 в од Кривичниот закон ,,Несовесно работење во службата’’, кривичното дело го преквалификува во член 86-б од Законот за здравствено осигурување, и со кое  предвиденото дело е  веќе застарено. Тоа се докторите Владимир Поповски, Александар Чапароски, Лилјана Тозија, Наталија Долненец Банева и Никола Граматиковски, како членови на првостепената комисија која го донела првостепеното решение со кое се одбива лекувањето во странство на малолетната Тамара Димовска и против Александар Стојановиќ, Шабан Мемети, Ристе Симеонов, Елена Трпковска и Аспазија Софијанова како членови на второстепената комисија кои го потврдиле првостепеното решение.

„Го повлеков обвинителниот предлог, бидејќи од доказите кои беа презентирани во судницата во текот на главната расправа, како материјални, така и вербални, излезе дека обвинетите не се сторители на кривичното дело за кое ти товаревме“ - кажа обвинителот Фидовски.  Мајката на малата Тамара, Жаклина Димовска чија смрт предизвика многу реакции и протести, рече дека е разочарана од правниот систем.   

„Со оваа одлука тие го почестија обвинетите. Како семејство изгубивме дете, влеговме во правен лавиринт во кој крај нема. Најоштетени сме ние оти нашата Тамара ја нема. Ова е срамно“ - рече Димовска.   Обвинетите изразиле жалење за смртта на Тамара но не се чувствувале виновни.

„Причината за смртта на девојчето не  е сколиозата, туку бронхопнеумонија. Ова јавноста треба да го знае“ - изјави Сашо Дуковски бранител на некои од  обвинетите.

Предметот мошне долго време се постапуваше во Основен суд Скопје 1. Судијата  Марин Станевски се повлече бидејќи еден од лекарите лекувал негов близок роднина, па  беше доделен на нов судија. Претходно се иззема и јавниот обвинител кој го работеше предметот Наташа Гаџовска, па му беше доделен на нов Анел Фидовски.

Според поднесеното обвинение од мај 2018-та „Првостепената лекарска комисија за одлучување по правото на лекување во странство, во рамките на Фондот за здравствено осигурување го донеле првичното негативно мислење за лекувањето на Тамара Димовска. Мислењето дека не се исцрпени можностите за лекување на пациентот во Република Македонија тие го донеле по истекот на законски предвидениот рок и е спротивно на мислењето на Стручниот конзилиум на УК ТОАРИЛ УЦ.

Притоа предвид ја зеле изјавата на тогашниот министер за здравство кој најавил дека пациентите со деформитет на ’рбетот во иднина нема да одат да се лекуваат во странство, затоа што оперативните зафати ќе се вршат во новоформиран Спинален центар на Клиниката за ортопедски болести во Скопје. Постапувајќи по ваквото мислење, двајца од обвинетите во својство на директори на Фондот за здравствено осигурување донеле Решение со кое барањето за лекување во странство се одбива како неосновано. Истото Решение било потврдено и од сега обвинетите членови на Второстепената лекарска комисија, а конечно потпишано од обвинетото лице во својство на претседател на Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување, без притоа да се одржи седница на Управниот одбор.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »