Петар Печков
Објавено: петок, 04 март 2022
Истрагата од пријавеното силување на велешанката, ОЈО Велес ја запре. Доказите собрани во истрага не укажувале дека делото било сторено. Девојката случајот во велешка полиција го пријавила на 2-ри август 20220 година.
„За наведениот настан во Основното јавно обвинителство во Велес беше спроведена опсежна истражна постапка што опфати испитување на оштетената и на нејзините родители како сведоци, испитување на обвинетиот, но и прибирање на други докази – телесни прегледи на оштетената, веднаш по поднесувањето на пријавата во СВР од нејзина страна“ -велат од ОЈО Велес.
Била направена анализа на пронајдени ДНК профили на делови од облеката на оштетената и нивна споредба со ДНК профилот на обвинетиот, како и психијатриски вештачења и на обвинетиот и на оштетената.
Била направена и реконструкција на случајот за проверка на делови од исказите на оштетената и на обвинетиот кои се однесуваат на нивната местоположба во возилото каде се случувал настанот и можноста од страна на обвинетиот да биде преземена и префрлена оштетената, изведувано од актери, а не од обвинетиот и оштетената и во присуство на вешти лица, појаснуваат од Обвинителството.
Од ОЈО Велес потенцираат дека анализата на доказите не покажале вина кај осомничениот.
„Врз основа на анализата на сите прибрани докази и нивна корелација, надлежниот јавен обвинител утврди дека во случајов нема докази дека обвинетиот го сторил предметното кривично дело. Од тие причини донесе Наредба за запирање на истражната постапка со правна поука до оштетената дека има право на приговор во рок од 8 дена од нејзиниот прием“ информираат од Обвинителството.
На одлуката на основното обвинителство за запирање на истрагата, девојката има право да се жали пред Вишото обвинителство.
Tweet |