речник контакт

Обичаи и верувања

Од записите на Марко Цепенков, за баба Мара од Велес

Петар Печков

Бев чул за баба Мара од свет оти била мошне мариветлија и неколку пати ја молев да ми кажи за да го пишам, арно ама неќеше да ми кажи, да не је се расипит баењето, чунки жената што и кажала со клетва ја заколнала за на смртнио час да кажи. До пет лева и таксав да ми кажи и пак не ми кажа. Пред некој ден се погоди во една куќа, син ми Коста, кај што му баела баба Мара на Велјана и ја описа бајачката од прочуената баба Мара. Баба Мара била асли од Велес, сега брго дојдена во Софија

1. Во селата кога ќе дојдит кукајцата, сопрво на некое гранче ќе застанит за да кукат. Кое момче или мома ќе ја видит сопрво, ќе се качит и ќе го скршит тоа гранче. Со тоа гранче момата ако имала милост на некое момче, ќе појдит и ќе го буцни; од тој час ќе ја посакало да ја земит за невеста. Друг марифет имало во тоа гранче: гранчето да го носит една мома, или да го разделат поеќе моми, да си го носат во пазуа, ќе знаеле да везат секакви лози и друзи цвеќа на кошулите си. Ама се сакало да се заречат во овие зборои:

Како што знаит кукајцата сама да си иди од друг виљает у нас без да и кажит некој, така да знаиме и ние да везиме без да ни кажит некој.

Некој ерген ако ја сака некоја мома и таа да го неќит, штотуку да ја буцни со гранчето и веднаш ќе го сакала.

2. Да ватиш една тресопатка (едно врапче што оди крај малите реки и се рани со црвчиња. Тресопатката е бела и црна и се едно ја тресит опашката, Откоа ќе ватиш една тресопатка, да ја заколиш и да ја калиш во масло, да стоит четириесет дни, после да ја изваиш и да ја чуаш. Некое момче што да ја сакат некоја мома, а момата ако го нејќи, нека ја земи момчето тесопатката и нека му најди колајо на момата да ја задрни само малку со тресопатката, без да го види момата и да речи:

 Како што ја тресит опашката тресопатката, така да се тресит по мене девојката.

Рече ли така некое момче, али мома на момче свршена е работата и ќе се земат.

3. Која жена сака да го сврти мажа си на нејзинио ум ќе земела весот од мажа е и ќе го клаела на една елемија, та ќе го завртела со елемијата околу наоколу до три пати, велејќум:

Како се врти весов на елемијава, од мажа ми, така да му се сврти умот на мажа ми по мене.

Така да речела до три пати и беше, ќе му се свртел умо и ќе си го водела за нос како мечка.

а) Коа ќе му ји даела кошулата и гаќите на мажо, требало да му ји даит свртени наопаку, за тој да си ји свртит на лице; и штом ќе вати да ји врти, да речела жената тајно.

Како што ји врти мажот ми кошулата и гаќите на лице, така да се свртит со умот кај мене.

4. Кога ќе се забаит на некоја жена мажот је на туѓина, ќе му наполни гаќите со слама и ќе ’и пречекори на една греда, како коњ кога да вјава, и ќе речи:

Како што сет вјавнати гаќиве на гредава, така да вјавнит мажот ми коњ и да си дојди од туѓина.

5. Кога бев дете, ме пушти една жена да је купам за пет пари бесни бубалки. ’И турив во дивитчето во мураќепо и со тој мураќеп му пишав книга за на мажа је за да си дојдит од туѓина. Ја посоливме книгата на писмото со трошка земја од мравјалник и кога ја пишуав, ме натера да речам вака:

 Како беснеат бубалките, така да беснеит домаќин ми и да си дојде дома.

6. Да се замилуат маж и жена ако се многу лошо скарани и не живеат. Да најдиш две буби што биле завиени во еден кожурок, ама да бидат глаа со глаа во кожуроко, оти има едни, едната со глаата, другата со опашката, таквите не биле за лек, ами глаа со глаа да биле, тие вршеле работа.

Таквие буби глаа со глаа се наоѓаваат у жените што ранат буби и ји точат кожурците да вадат коприна. Шом најде таквие две буби, испечи ји и истолчи ји и со прао на бубите нека го посоли жената мажо кај што спие, али мажо да ја посоли жената и не одело до три дни ќе се замилуале од мерата надвор. (Као не најдов таквие буби за да ’а посолам жената за да ме милуа, чунки откоа немам пари ич не ме милуа.)

7. За да се милуаат два брата, али сестри, од една мајка родени, требало да се облечат во една кошула што ќе се промени првото дете; демек олур, мајката треба да ја чуа  првата кошула и секое дете што ќе му се роди со неа да го облечуа. Ете од тоа било непендек да се милуаат браќа и сестри. (Како не знаев кога ми се роѓаваа синои ми да ји облечам во една копула за да се милуаат и да не се пизмат).

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »