речник контакт

Облеков многу велешки жени во крзнени бунди

Димитар Тасков е последниот велешки крзнар

Петар Печков

 Последниот крзнар во Велес и еден од малкуте кои останаа во Македонија, тоа е Димитар Тасков. Според неговите информации тој е еден од  петтемина што се  уште работат во земјава. Неговите бунди биле и се уште се дел до гардеробата на бројни Македонки а шубарите ги краселе главите на Македонците.  Во зиме неговата облака ги топлела во прво време побогатите а подоцна бундата станал дел од гардеробата на просечниот граѓанин, од средната класа.

  Доаѓаа муштерии од  цела источна Македонија, дури и од Маврово идеа. Во сезоната преку зима превртував по 500 лисици, иако имаше години кога купував и по илјада. За толку години јас муштерија не излагав, нема лага, нема нешто  непоштено кон некого.  Кога ќе му речам дојди на 24-ти декември, бундата беше на закачалка на  ден порано на 23. Ме знаат од цела земја, работев по цел ден само пол саат  пауза за ручек, уште тогаш приватист. Немам бројка колку македонски жени облеков со бунди  за 33 години работа ама во прашање се илјадници бунди – вели Димче.

Неговиот дуќан бил на новиот мост, трет од лесвиците кои водат кон Автобуската. Именуван бил ,,Фока,,.   И сега иако има 73 години поработува,  претежно поправа  бунди на поранешни муштерии кои го знаат, лани дошле и неколку жени за  да им сошие нови.

Нема кој друг,  затоа доаѓаат  и од Скопје,  дали во Македонија  најмногу до пет души да сме. Макотрпна тешка работа е ова, но не можам да се пожалам ми овозможија  добар живот. Кога автопатот минеше низ Велес, сите странци  минуваа пред мојот дуќан и застануваа. Па ако рампата на мостот беше спуштена тогаш беше гужва невидена, сите купуваа јагнешки кожи, за автомобили, за теписи дома, за било што. Не можев да престасам толку промет имав – додава Тасков. 

Неговите почетоци со оваа работа биле   од 1953-тата како ученик на крзнарата Димко Митрев   од каде во  1969-та заминува во Германија. Таму престојува до 1973-та  на печалба но и усовршување.   Од тогаш до 2000-та  работи како самостоен крзнар,  по што   заминува во пензија. Шие и бунди а за мажите шубари.

 

Многу видов, многу сработив во Германија, Тука во Велес во крзнарата претежно ХТЗ опрема работевме и малку бунди,  ама во Германија работев дамски бунди,таму го научив занаетот. Првата година ми беше тешко ама потоа следните години со многу труд  ги претркав домаќините, ги минав тамошните мајстори. Донесов и многу пари, отворив дуќан и половината пари ги вложив во крзнарата во Битола од каде  со вложените средства се снабдував со крзно во следните девет години, толку време земав роба. Отворив дуќан и вработив уште двајца калфи – се сеќава Димитар.

Шпицот на сезоната  бил од октомври до 15 март.На Ѓурѓовден започнувала  новата сезона, подготовка за следната есен, за да има готови бунди оти не можел да престаса се наеднаш, потребно било резерва. Кожите ги купувал сирови,  дома ги преработувал користел мравја киселина која е многу штетна, внимателно работел  со неа, да не стави повеќе отколку што треба и да ја уништи кожата. Ги штавел , ги чистел од влакна, комплетно цел процес бил негов. Помагала и сопругата Тодорка, бидејќи немал време да стаса,  и таа  била дел од процесот, задолжена околу перењето на кожите.

Од 1976-та започнав масовно да шијам бунди во прво време на познати имиња од цела Македонија, директори, доктори, секој не можеше да ја носи.  Потоа како дојде времето шиев и на средната класа. Секој имаше по двајца до тројца вработени дома и можеа да си дозволат да имаат бунда. Велешанки одеа и на пазар да купат компири и кромид со бундите натокмени, дотерани. Најмногу правеа од лисици, шиев капи шубари, од куни правев за јака околу врат. Во една бунда одат 12 лисици. Може и со 15 да се изработи но тоа е во екстра случаи и тие беа поскапи но и поквалитетни. Се случуваше  кожи да купувам и од Грција, со нивните побргу ја завршував работата за ден два, додека со нашите  4-5 дена – вели  Димитар Тасков и со гордост покажува дел од штавената и обработената кожа од волци, јазовци кои ја красат неговата куќа.  

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »