Петар Печков
Објавено: понеделник, 18 јануари 2016
Објавена е програмата на проекти кои Министерството за култура ќе ги финансира во оваа 2016-та година. Две се значајни а се однесуваат на културното наследство. Ќе се финансира заштита на црквата Св. Пантелејмон и заштита на две од четирите куќи во месноста Варналиите. Оти само толку дале согласност, останатите две нема да се работат. Останатото е повеќе помалку истото што и претходните години беше финансиски поддржано од страна на државата. Тоа се Фестивалот на античка драм ,,Стоби,, Рациновите средби, Меѓународниот фолклорен фестивал, Колонијата Папрадишки мајстори .
Велешкиот театар ,,Јордан Хаџи Константинов Џинот,, од државната програма ќе изведе четири премиери и тоа :Ана Комнена на Сашо Димоски и режија на Васил Зафирчев, Бели Ноќи на Достоевски во режија на Ѕвезда Ангеловска, Добра надеж на Херман Хејерманс во режија на Александар Ивановски и Старицата од Калкута од Ханох Левин во режија на Софија Куновска.
Од класичната музика предвидени се концерти на Тодор Светиев Кофујонакис и Петре Штерјов.
На велешкиот народен музеј финансиски ќе му се помогне да издаде водич низ сакралните објекти во регионот. Стандардно Здружението на граѓани ,,Развој,, ќе ги организира грнчарски средби и ќе работи на заштита на културното наследство во општина Чашка преку етно музејот во Бистрица.
Од фолклорната ризница предвиден е концерт на КУД Керамичар насловен ,,Св. Кирил и Методиј,, и изработка на кореографија ,,'Егејски ритам,, од Фолклорен ансамбл Вила зора. Годинава ќе се случи и прв државен натпревар на оркестри од народни инструменти ,,Стефан Гајдов,, на здружението ,,Балкански музички центар,, со седиште во Велес.
Стрип центарот на Македонија, со седиште во Велес ќе ги издаде стриповите ,,Цар Самоил на Миел Топуз и Порто Палермо на Герта Опараку , како и редовните изданија на Стрип креатор и Стрип алманах но и на откуп на стрип изданија за единствената стрип библиотека во земјава.
Годинава ќе се продолжи со реставрација на ѕидното сликарство во манастирот Св. Димитрија, реставрација на манастирот Св. Архангел Михаил во долно Чичево Градско, црквата Св. Ѓоргија во село Црквино.
Се финансираат и повеќе проекти во НУ Археолошки локалитет Стоби а пред се Римскиот театар. Ќе се дострижува и археолошкиот локалитет Згрополци крај Градско, како и печатено издание од истражувањето на ,,Западната некропола во Стоби,, на група автори. . Планирани се повеќе изложби, преземени од други градови а една е на Коруновски и Васков насловена ,,Рефлексии на херметичноста,,.
Tweet |