Петар Печков
Објавено: четврток, 15 април 2021
Излезе од печат втората книга на велешанецот Бошко Караџов, со наслов COMPENDIUM PHILOSOPHIAE во издание на издавачката куќа Аз-Буки од Скопје. Книгата претставува збирка на филозофски есеи, научно-популарни статии, научниогледи, расправи и други критички текстови од областа на социјалната филозофија, филозофијата на јазикот, културолошките студии и идентитетските теории. Караџов е професор по филозофија, вработен во велешката Гимназија Кочо Рацин.
Во првиот дел со наслов Онтологија на слободата книгата говори за Captain America и Поперовиот парадокс на толеранцијата, за стапицата на Френсис Фукујама и смртта на политичкиот романтизам, за Роберт Нозик, минималната држава и кошаркарската легенда Вилт Чемберлен, за Карл Маркс, Џон Ленон и филозофијата на мрзоволноста, за слободата и разголената Маријана на Делакроа и за Боб Дилан и бронзениот бик на тиранот Фаларис.
Во вториот дел насловен како Филозофијата и јазикот се говори за препирката меѓу Џон Серл и Жак Дерида, за улогата на терминолошкиот гламур и celebrity културата на француската филозофска сцена, за Теодор Адорно и студентска група Busenaktion, за аферата „Сокал“ и помодарските бесмислици на француската постмодерна, за ученикот кој го надитри Протагора и детето-филозоф на Питер Хандке и Вим Вендерс.
Во последниот дел со наслов Идентитет, предание и паганска политика се говори за Македонија, за Џорџо Агамбен и феноменот State Sacer, за Жан Франсоа Лиотар и паганскиот македонизам, за македонскиот ЕУ-месијанизам, за договорот од Преспа и за филозофските основи на правото на име, предание и сеќавање.
Со оглед на околностите со ковид кризата, оваа и претходната книга „Парадоксите на индуктивната логика“ на авторот Караџов, дополнително ќе бидат промовирани а наскоро ќе се најдат во книжарниците во Велес и Скопје. Дизајнот на корицата е на ликовниот уметник Крсте Шупев.
Tweet |