Петар Печков
Објавено: четврток, 30 декември 2021
Сланата и мразот, кои паднаа пролетва, на 8-ми и 9-ти април годинава најмногу ги погодија овоштарите и лозарите од Општина Росоман, каде измрзнал 90 отсто од родот. Проценките покажале дека е предизвикана штета од 452,7 милиони денари, кај 729 производители . Во соседната Општина Градско, причинета е штета од 143 милиони денари, кај 106 одгледувачи. Во велешко, причинетата штета беше проценета на 8,6 милиони денари.
Тоа се проценките од надлежните Комисии. Измрзнување на родот било причинето од мраз, слана и сињак. Штетите биле констатирани кај насадите од грозје, праска, кајсија, круша, слива, бадем, јаболка, цреша. Во Општина Лозово, на повикот од локалната власт, не се пријавил ниту еден овоштар.
Елаборатот за проценета штета од измрзнувањето што зафатија дел од териториите на Општините Росоман, Градско и Велес на 8-ми и 9-ти април годинава бил испратен до Генералниот секретаријат на Владата и Републичката комисија за проценка на штети од природни непогоди и други несреќи, со предлог за целосно или делумно обесштетување.
По реакциите дека се уште нема одлука со колкав процент ќе бидат обесштетени овоштарите и лозарите, од Владата за ТрМр соопштија дека надлежната Комисијата била задолжена да продолжи со процедурата за проценка и утврдување на штетата по предметите од овие општини, по пристигната коригирана документација. Рокот за постапување по овие предмети изнесувал 120 дена од пристигнувањето на елаборатите.
Tweet |