Петар Печков
Објавено: четврток, 29 октомври 2020
Агенцијата за храна ги добила резултатите и од испитувањата на угинатите овци, на сточарот Тодор Јованчев од велешкото село Раштани. Угинувањето се случи кон крајот на месец септември.
Резултатите од испитувањата на примероците од угинатите животни исклучиле можноста дека шеесетина овци на овој сточар угинале од заразна болест која се пренесува од животно на животно, ниту пак дека некој од завист ги отрул, како што се сомневаше сопственикот.
Лабораториски испитувања на земените мостри од овците, направени во акредитирани лаборатории на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје потврдија присуство на бактерија ешерихија коли и клостридијални инфекции кај угинатите животни - соопштија за ТрМр од Агенцијата за храна.
По утврдување на причинителот на угинувањето, преостанатите овци во трлото биле соодветно третирани од страна на надлежното ветеринарно друштво и тие сега биле безбедни. Сопственикот Јованчев причинетата штета ја процени на околу 10 илјади евра.
Tweet |