Петар Печков
Објавено: петок, 31 јули 2015
Огнените јазици го оставија без дом велешанецот Љупчо Поповиќ. Тој е невработен и живее сам а се грижи и за неколкуте домашни миленичиња, кој настрадаа во пожарот. Огнот избувнал во четвртокот вечер пред полноќ а бил изгаснат во два часот. Во гаснењето несебично помагале соседите, кои први излегле од своите домови, да го локализираат огнот, но и да ги спасат сопствените куќи.
Бев дома и спиев. Во сонот почувствував топлина од ѕидот, што ме зачуди. За кратко време и цвилење, квичење на неговите мачиња и кучиња. Тоа ме разбуди, излегов и видов оган од кровот на соседот. Земав цревото и почнав да ги полевам керамидите и гредите, да не се прошири накај мене. Искрено се уплашив како ќе заврши сето тоа - рече Александар сосед на Љупчо.
Огонот бил закана по бројните куќи на Којник, на улиците Кирил Пејчќиновиќ и Славе Петков. Тоа ги мобилизирало сите, да излезат од дома и да помогнат во гаснењето на пожарот, иако огнот и чадот биле сериозен проблем.
Беше околу полноќ, кога од кај соседот почна да доаѓа густ црн дим. Веднаш потоа , за минута вивна голем пламен. Гореше кровот. Имавме гости, се ангажиравме сите од соседството, почнавме со црева да гаснеме оган. Дојдоа набргу и пожарникарите. Два -три часа траеше борбата со огнот и некаде околу 3 мислам дека заврши. Беше страшно, оти беа доведени во опасност уште најмалку пет други куќи кои се лепенки со изгорената. Ветерот правеше проблеми - вели Славица Давчевска, сосетка.
Сопственикот Љупчо Поповиќ беспомошно седеше и гледаше што остана од неговиот дом. Сега е на улица, без ништо, покуќнина, алишта, документи. Му изгореа и друштвото, двете мачиња и двете кучиња за кои се грижел како домашни миленичиња.
Тие беа на спрат.Не гледам ништо од нив, изгледа изгореа, прав се сторени. Се што имав од скромната покуќнина, огнот зема. Пред да излезам од дома, вечерта околу 8 немаше оган. Варев кафе и до десет и пол вечерта бев на Којник, потоа се симнав во град. Дотогаш немаше ни траг од оган во мојата куќа. Околу полноќ почнаа да ми кажуваат дека куќата ми гори. Мислев дека се шегуваат. некои и од таа страна на градот што живеат кажуваа дека гледале како куќа гори на Којник. Кога си дојдов околу 1 по полноќ, куќата беше во пламен - вели сопственикот Поповиќ.
Од велешката пожарна велат дека истрагата ќе ги каже причините за пожарот, кој бил гаснат три часа.
Дојавата за пожарот е добиена во 11,35ч. Ситуацијата на теренот била алармантна, бидејќи е во густо населена улица, каде куќите се лепенки. Огнот е гаснат со три возила на пожарна и две возила на ЈКП Дервен кои вршеа дотур на вода. Со брза интервенција на пожарникарите и соседите, огнот е ликвидиран во 2 часот по полноќ - рече Љупчо Лепидовски командир на ППЕ од Велес.
Tweet |