речник контакт

Од Богомила за Велес имаше седум воза дневно, а сега само еден

Имало и локал кој секојдневно ги превезувал вработените од Богомила за Велес на работните места

Петар Печков

Железничката станица во Богомила, која  е нова и реновирана, е празна. Нема ниту патници ниту возови. Откако неодамна МЖ Транспорт го редуцира патничкиот железнички сообраќај од три на еден воз дневно, од и кон Битола, станицата  е место за мир и спокој.

„Немаме воз, немаме автобуски, нема комбиња. Станавме како Мариово, отсечени од светот. А регионот на Азот е во срцето на Македонија.  Имаме потреба за лекарски специјалистички преглед, во „мој термин“ а како да стасаме, до Прилеп, Велес, Скопје. Таксистите бараат до Велес 1.500 денари а пензиите знаеме колку се големи. Лошо е. Ни ја пресекоа гранката на животот. Не можеме ни по лек да отидеме“ - вели возрасна жителка на селото Теово.   

Ваква мака имаат и жителите од  селата Богомила, Бистрица, Согле, Теово за да стигнат до Велес, Прилеп. Мештаните се жалат дека редовно можеле со утринскиот воз за Прилеп да заминат на пазарење и попладне  да се вратат. Сега единствениот воз кој патува кон Скопје е во 4,50ч наутро а попладне  кон Прилеп и Битола е во 16,20ч.

„Отсекогаш Богомила и жителите од овој дел патувале, користеле  воз. Не така одамна пред 30 години имавме седум патнички воза на ден. Тука беа експресот Битола - Љубљана,  потоа „Пелагонија експрес“ Битола- Скопје. Имавме локал кој наутро возеше од Богомила до Велес, оти голем број луѓе оттука работеа  и уште работат во Велес. Имаше 60 до 80 месечни билети за работници. Ама не знам како стасуваат на работно место сега вработените. Никогаш не сме имале редовна автобуска линија до Велес, оти не беше исплатлива, покрај воз никој не е качуваше во автобус“ - вели возрасен жител на Богомила.

Железничката станица во Богомила е нова, реновирана 2018 со средства од ЕУ, но нема патници кои ќе ја користат, оти нема возови.

АНКЕТА »

На што се греете зимава?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »