Петар Печков
Објавено: петок, 17 март 2017
Ниту во петтиот обид не започна судењето на Ервин Мехмедовиќ,од Горно Оризари кој е обвинет оти прегази дете, кое потоа почина. Сообраќајката се случи на 29 јануари 2015-та година во вечерните часови.
Мехмедовиќ како и во претходните четири случаи не беше донесен од затворот во Идризово, каде поради илегален превоз на мигранти служи казна затвор од 14 месеци. Според неговата мајка Ервин боледувал од шеќерна болест и имал чести здравствени проблеми и таа стравува за здравјето на синот.
Од затворот изјавија дека немаат превоз и затоа не го носат - ги информираше странките во предметот, судијката Габриела Гајдова.
Мехмедовиќ беше денес еден во неколкуте судски процеси кои требаше да се случат во Основен суд Велес, а каде обвинети се осуденици од Идризово. Беше донесен само Ѓоре Петревски, кому му се суди во случајот Ореше. Токму поради тоа беше донесен со автомобил.
Останатите чекаат за некоја следна пригода. Башка што од затворот Идризово порачале претходно во други процеси, дека осуденици кои се во својство на сведоци нема да бидат донесени, носеле само ако се обвинети.
Во еден таков случај обвинетиот поради ,,судење во разумен рок,, се пожали и до Народниот правобранител. Не помогна ниту тоа, сведоците кој тој ги бараше а се наоѓаа во заворот Идризово не беа донесени.
Рекорден по не носење во судот е Ајрула Асанов за криумчарење дрога. Тој досега имаше покани за 14 пати да започне судењето, но никако да се случи. И тој во ниту еден случај не беше донесен во Основен суд Велес. Наспроти тоа за секое доаѓање на неговиот адвокат, кој е именуван по службена должност, согласно адвокатскиот тарифник ќе добие по 11 илјади денари надомест, а процесот не е ни почнат.
Од буџетот на Основен суд Велес по завршувањето на овој процес најмалку ќе плати 154 илјади денари, колку што досега чини застапувањето.
Идризово не ги носи затворениците, судот ја плаќа сметката за нивното однесување – велат велешките судии.
Од затворот од Идризово во Основен суд Велес носат првата среда и третиот четврток во месецот, таков е договорот. И во тие денови меѓу затворениците е вистинска среќа кој од нив ќе биде избран да биде доведен. Останатите ќе чекаат до некоја следна можност.
Tweet |