Петар Печков
Објавено: четврток, 29 декември 2011
Операторите Македонски Телеком, ОNЕ и Blizoo од 1 јануари нема да емитуваат неколку ТВ канали меѓу кои и ХТВ 1, РТС, РТЦГ. Причината за тоа, како што информираат, е непостигнувањето на договор со Здружението за заштита на авторски музички права (ЗАМП).
- Операторите на јавни комуникациски мрежи повеќе од една година активно преговараа со ЗАМП за продолжување на соработката. За жал, преговорите завршија безуспешно, а пред сè поради неоправданите и нереалните условувања од страна на ЗАМП и останатите иматели на права. Имено, за склучување на нов договор, ЗАМП и останатите иматели на права им наметнуваат обврска на операторите задолжително да изберат и реемитуваат поголем број на тв канали од ограничена листа за која што не постои реален интерес кај корисниците. Операторите сметаат дека зголемениот број на неатрактивни канали, кој што се наметнува од страна на ЗАМП и останатите иматели на права, не само што ќе ги зголеми оперативните трошоци на операторите, туку ќе предизвика потреба за пораст на цената на услугата која на крајот ја плаќаат корисниците, се наведува во соопштението.
Во него се истакнува дека операторите и понатаму остануваат отворени за продолжување на соработката и постигнување на нов договор во кој нема да бидат содржани услови кои не се во интерес на двете страни и на штета на граѓаните.
Македонски Телеком, ОNЕ и Blizoo, досега реемитуваа ТВ канали за чија дистрибуција склучуваа договори со Здружението за заштита на авторски музички права (ЗАМП) и останатите иматели на права. Актуелниот договор за уредување на авторските права истекува на 31 декември годинава
Tweet |