Петар Печков
Објавено: четврток, 05 ноември 2026
Од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања не кажуваат што се случува во истрагата за 11 полициски службеници од СВР Велес. На 26 септември лани МВР соопшти дека внатрешната контрола утврдила за 11 полициски службеници од СВР Велес не постапиле во целост и согласно законските обврски и процедури по пријавите од Росица Коцева. Таа беше жртва, убиена од нејзиниот поранешен партнер Илија Стефановски. На поставените прашања на почетокот на јули и на 29 септември од ОЈО ГООК не одговорија.
МВР случајот го објави на 26 септември лани.
„Врз основа на извршените проверки поднесен е предлог за поведување на дисциплинска постапка за 11 лица вработени во СВР Велес, а за утврдените наоди писмено е известено и Јавното обвинителство за натамошно постапување во рамки на нивната надлежност“ – соопштија од МВР.
Ова обвинителство повеќе од една година истражува дали 11 полицајци имаат грешки при постапувањето за заштита на Росица Коцева, која во повеќе наврати го пријавувала за насилство поранешниот партнер Илија Стефановски. Тој ја уби во нејзиниот дом на 15 септември 2025, откако го уби и татко ѝ Киро, а потоа се самоуби.
Во писмениот одговор од ОЈО ГОКК во март месец, соопштија дека се сослушани 11-те полициски службеници и други лица како сведоци. Потоа молк.
Стефановски на денот на убиството, 15 септември 2025, ги прекршил двете активни изречени мерки забрана. Едната е забрана од Основен суд Велес по барање на ОЈО Велес за да не го напушта живеалиштето односно престојувалиштето, градот Скопје. Тој ден пред убиството, недела или на самиот ден понеделник, заминал за Велес за да го стори тоа што го наумил, кога имал забрана за напуштање на Скопје. Стефановски не ја почитувал и втората изречена мерка на претпазливост, забрана на приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со Росица и со И. М.. Стефановски бил во домот на таткото на Росица и ја чекал да дојде, за да ја убие и тоа со шест убоди од нож. Истрагата открила дека Стефановски го убил татко и Киро утрото и чекал во нивниот дом се до попладнето околу 15,30 ч. кога се случила крвавата разврска. Илија со шест убоди од нож ја убил Росица а пота и сам себе се бодел во вратот.
Пролетта 2025, половина година пред убиството, Стефановски сторил две кривични дела над Росица – загрозување на сигурноста при вршење семејно насилство од 20 февруари и насилство од ноќта на 3-4 март, за што добива условна затворска казна.
Од 21 јануари до 7 јули 2025, Росица седум пати пријавила до СВР Велес дека е нападната, малтретирана, вознемирувана од Илија, а полицијата соопшти дека постапила по сите пријави. Меѓудругото, на 18 мај лани испишал графити по Велес со навредлива и заканувачка порака каде директно е наведено нејзиното име. На 19 јуни на влезна врата од продавница пронајдено е залепено „УСБ“ во кое имало фотографии и експлицитни снимки од неа и Илија.
На 21 мај 2025 Коцева го пријавува Стефановски во ОЈО Велес за неизвршување на судска одлука, бидејќи и покрај дополнителните мерки за заштита од семејно насилство изречени и во граѓанска постапка, тој не ги почитува и продолжува да ѝ испраќа пораки и фотографии со обид да оствари комуникација со неа, а на 18 мај се приближил до нејзиниот дом, го одзел автомобилот на татко и, и на друга локација го запалил.
| Tweet |




