Петар Печков
Објавено: среда, 14 февруари 2024
Се намалува бројот на спортски риболовци во велешко, тоа го покажуваат бројките на Здружението на спортски риболовци „Бабуна“ (ЗРС) од Велес.
Така на риболовен ревир „Вардар 4“ лани годишна дозвола извадиле 529 спортски риболовци, што е за 122 помалку во однос на 2022 година, кога биле 651 член. Дозвола за езеро „Младост“ лани извадиле 138 спортски риболовци, а година дена претходно во 2022 година биле 204. што е за 66 помалку.
„Младите заминуваат во странство, тие што останаа немаат интерес за спортски риболов, дел од повозрасните членови починаа. Главна причини за намалениот број спортски риболовци е таа што варира водостојот на реката Вардар поради запирање и испуст на вода од акумулацијата Козјак. Превисокото ниво на водата на реката Вардар не дозволува рибарење, а со што се намалени и деновите за рибарење во текот на годината“ - вели Ангел Тодоров, потпретседател на ЗСР „Бабуна“.
Споредено со лани, драстично е намалувањето на бројот на спортски риболовци во однос на 2021 година кога на риболовниот ревир Вардар дозвола извадиле 884, а за езеро „Младост“ 226 спортски риболовци. Пред 15-тина години ЗСР „Бабуна“ броела и по 1.500 членови.
Во риболовен ревир „Вардар 4“ кој го покрива ЗСР „Бабуна“ освен реката Вардар, се и реката Отовица, реката Тополка и Бабуна по целото течение, како и делови од долниот тек на Црна Река и Брегалница.
Здружението за спортски риболовци „Бабуна“ од Велес , нејзините членови и рибочуварската служба се грижат за рибниот фонд во ревирот со кој управуваат. Согласно добиената концесија должни се еднаш годишно да ги порибат водите со подмладок на риба. Така на истекот на ланската година во езеро Младост, реките Вардар, Тополка и Бабуна пуштија 580 кг. поголем дел крап и помалку пастрмка.
Намалувањето на бројот на спортски риболовци, остава простор, време и место за рибокрадците. Податоците покажуваат дека последните години е намелен бројот на откриени мрежи при криволов на риба. Лани биле откриени 20 мрежи, но не и нивните сопственици, поради што и не се поднесени кривични пријави. Според спортските риболовци, рибокрадците за акциите кога се оди да се откријат вакви случаи, се информирале меѓусебно со мобилни, па бегале од местото на уловот а мрежите ги оставале.
Tweet |