Петар Печков
Објавено: понеделник, 14 март 2022
Утрово кога вработените во 5,30 часот стигнале во Детската градинка „Димче Мирчев“ од Велес, клон 6 Ѕвончица, биле непријатно изненадено кога констатирале дека е извршена кражба на храната, која ја имаат складирано во магацинскиот простор.
Тој бил буквално испразнет крадците не оставиле ниту трошка храна. Веста за кражбата ја потврдија и портпаролот на СВР Велес Ристе Самарџиев и од директорката на Детската градинка Димче Мирчев“ Маја Велиновска.
„Украдена е храната од централната кујна со која се снабдуваат сите шест клона во Велес. Итно ги набавивме сите потребни артикли за денешниот ручек и децата не почувствуваа дека е извршена кражба. Поради вршење на увид од страна на полицијата, децата претпладнето беа префрлени да се згрижат во други клонови“ - кажа директорката Велиновска.
Во магацинот во текот на денот се врши вонреден попис, за да се утврди што се е украдено. Но сигурно е дека биле украдени околу 100 кг масло за јадење, 100 кг брашно, шеќер, сол, ориз, грав, кашкавал, сирење. Од вц-то биле украдени неколку славини за вода.
Дека крадците работеле сериозно, зборува и тоа што пред да ја извршат кражба го онеспособиле видео системот од објектот а ја украле и количката за дистрибуција на роба,за да не ја пренесуваат украдената стока сами на раце. Клонот каде е сторена кражба се наоѓа во стариот дел на Велес, веднаш до Стариот мост. Кражбата е сторена во време на викендот.
Првиот сосед на објектот, жена која живее во куќа спроти градинката, кажа дека викендот тие не биле дома во Велес, се вратиле доцна синоќа и не слушнале и не виделе ништо. Од СВР Велес соопштија дека е направен увид и се работи на расчистување на кражбата.
Tweet |