речник контакт

Од македонското наследство

Две прикаски поврзани за Св.Петар : Сељанинот, Христос, Свети Петар и Архангел Михаил и Свети Петар, Господ и сиромавиот, запишани од Кузман Шапкарев

Петар Печков

Сељанинот, Христос, Свети Петар и Архангел Михаил

Едно време еден сирома сељанин се свршил за една девојка и ќе се оженел, туку немал кум, да го венчат. Тој излегол од дома си и тргнал да барат кум, ама сакал, кумот да бидит прав (справедлив) чоек. Ходеешчем по кум, п’тем го стретил Ристос, го поздравил и му рекол:

Помози Бог!

Дал ти Бог добро! му одгоорил сељанинот.

Су здравје така? - го опитал Ристос.

Одам да си барам кум - одгоорил пак сељанинот, - сум се свршил и овје дни сакам да се женам, а си немам кум да ме венчат, и сакам кум прав чоек.

Ајде - му рекол Ристос, - не ме сакаш јас да ти бидам кум?

Кој си ти? - го опитал сељанинот.

Ја сум Исус Ристос - му рекол.

Не те сакам тебе! - одгоорил сељанинот. - Ти си Ристос, син Божиј, сам Господ, ама не те сакам, зашто не си прав: на едни им даваш немерено богатсто, а пак друѕи и остааш да умирает од глад. Ти не си прав, та затоа не те сакам, јас сакам прав чоек. Го заминал него и си т’рнал п’тот.

Потамо го сретил св. Пет’р. И тој го поздравил и го опитал к’де ојт. Сељанинот и нему исто така му одгоорил, оти барал кум да го венчат, ама сакал кум прав чоек. И свети Пет’р исто така го опитал дали не сакат да му се сторит кум тој. А сељанинот, откако го опитал и него кој е тој и чул оти бил свети Пет’р и нему му рекол:

И тебе не те сакам, зашчо ти си - му рекол - свети Пет’р: ти држиш кључојте на рајот, ама едни и пушчаш да влезеет, а друѕи не пушчаш; та и ти не си прав чоек.

Потамо го стретил Аранѓел Михаил и го поздравил:

Поможи Бог побратиме! - му рекол.

Дал ти Бог добро! - му одгоорил сељанинот.

Су здравје вака? - го опитал Аранѓел.

Барам кум, да ме венчат, ама сакам кум прав чоек - рекол тој.

Не ме сакаш мене, јас да ти бидам кум?

Кој си ти? - го опитал сиромаијот.

Јас сум Аранѓел, не ме познааш? - му одгоорил.

Ха! Ти си Аранѓел, шчо земаш душите. Тебе те сакам, зашчо ти никому ат’р не глеаш, - ти секому земаш душата. - И така Аранѓел Михаил му се сторил кум и го венчал. Откако го венчал, му рекол:

- Чунки ти ме чести со кумсто, јас ти даам ова шише со вода (и му дал едно шише полно со вода), та со него ќе се обогатиш и не ќе бидиш како досега сиромах.

Како ќе се обогатам со шишево вода? - го опитал сиромаијот.

Еве како - му рекол Аранѓел, -  кога ќе се поболит некој од каква да је болес, ти да хојш да го попрскаш со водата и тој ќе оздрајт. Тога оздравенијот ќе ти платит. Така секој, шчо ќе се поболит, ти ќе го оздравјаш и тије ќе ти плашчеет. Ќе се сториш хеќим, та така ќе се  обогатиш!

Сељанинот не можел да разберит како со едно попрсквење со вода ќе оздра'ел болен чоек, та пак го опитал анѓелатаго:

Како ќе оздра'ел болен чоек од каква да је болес, саде со едно попрсквење.

Еве, како - му рекол анѓелот, - кога некој болен ќе го попрскаш со водата, јас не идам да му земам душата; тој не умират, и ето како ќе станит.

Откако му расказал тоа ангелот, си ошол.

Сиромаијот седне со шишето вода лекфел болни од секаква болес и и оздравјал. Се прочул сек’де. И така во малу време се обогатил ногу.

По неколку време му текнало да го викат Ангелатаго на гости. Го викал и тој му дошол. Не поминало ногу време, Аранѓел, и тој ќе го викат на гости, и го викал. Збогатенијот сељанин ошол на гости у ангелот. Овој го внесол прво во еден сарај како царски; второ го внесол во друѕи сараи, ушче поубај од првијот, облеани с# со злато и со бесценети камења. Најседне го однесол на едно  многу широко место, к’де шчо било полно с# со свешчи запалени, многу високи, како некои јасики и како некоја корија, свешчи до свешчи, едни загорени, друѕи дополу изгорени, а друѕи пак ушче малку да догореет. Сељанинот се почудил шчо ќе бидет џаба тије толку свешчи и го опитал:

 Зашчо онака едни свешчи се загорени, друѕи дополу изгорени, а друѕи пак, ушче малу да догореет? Ангелот му рекол:

Свешчите кажвеет чоечка живот: за секој чоек имат по една свешча. Онје свешчи, шчо се загорени сега, тије се од тије луѓе, шчо се родиле сега бргу, од децата; а онје, шчо се дополу изгорени, тије се од луѓето шчо втасале до сред живвотта си; а пак онје шчо се гледеет на догорвење, тије се од луѓето шчо им је близу смртта. Јас кога да видам некоја свешча да догорит, тога ходам и му земем душата на чоека, шчо му догорела свешчата.

На сељанинот тога беше му се родило дете. Тој го опитал Ангелот:

-оја је мојата свешча?

Ангелот му показал една свешча, шчо имала ушче тројчка за догорвење, колку полојна лакот. Седне пак го опитал: Ами свешчата на детето мое, која је?

Ангелот му показал една свешча многу висока, колку една јасика и шчотуку била запалена и загорена. Кога видел оту свешчата негоа била на догорвење, а од детето му толку висока и шчотуку загорела, сељанинот му рекол на  ангелот:

Немојш некако да сториш, мојава свешча да бидит на детето, а негоата за мене?

Тогај ангелот му се отпушчил и му рекол:

Ама каков прав кум бараше ти, кога сам ти не си прав? Како свешчата од детето твоје, шчо се родило вчера, сакаш да бидела твоја, а твојата да му ја дајш на детето? Тоа шчо се родило вчера - да умрит, а ти шчо си живејал толку години, да живиш ушче? Каква је таја твоја прајна?

И така го истерал оттамо и потем неколку дни ошол, та му зел душата.


            Преданија и легенди

           Свети Петар, Господ  и сиромавиот

Си бил еден сиромав чоек: гол, бос, гладен, жеден, веќе до немајкаде. Идејќим си една вечер од работа, а времето беше било студено и кално, бидејќи тој беше бил бос, беше се стресол како лис на гора. За к’сметот негов, настреќа ете му го Свети Петар, кај си оит и тој дома.

Добро вечер, Свети Петре – му рекол сиромаиот, - што чиниш , како си? Здрао-живо си ми? Како ти е кеот?

Дал ми ти Господ добро, рисјанине, арно сум, сполај Богу. Вие како сте?

Ние сме сполај Богу, Свети Петре, - му рекол сиромаиот, со здравјето, туку пуста сиромаштија дошла, не навалила, еве сам гледаш каков сум: гол, бос, во кал до колена, воден ќе легнам в постела, воден ќе станам.

Има Господ, рисјанине, има – му ркеол Свети Петар – и за вас сиромасите.

 Е, лели има Господ и за нас сиромасите – му рекол сиромаиот – ќе те молам од земи до небо Свети Петре, да појдеш кај Господ и да го помолиш барем времето да ни е топло, како лето, за ние сиромасите да си работиме по поле и да си го вадиме лебецот за дечињата, што ни дал Господ, да стока ние сиромасиѕте не ти бараме, за да бидиме богати, само времето да е топло – тоа сакаме. Аман,  Свети Петре, ако не појдиш при Бога да му се помолиш да ти го напраат времето се топло и студ ич да немат.

Дури му и рекол тие зборои сиромаиот на Свети Петра, се со плачење му и велел и го молел, бакнуајќи обете раце. На Свети Петра му се нажалило и бир-баш беше отишол на една висока планина, та паднал на коленици да му се молит на Бога, за да му даит на сиромасите време топло: се лето да бидит, ич зима да немат. Се молил, се молил три дни и три ноќи дури Господ му се одгоорил: „Петре, Петре, што толку многу ми додеваш? – му отгоорил Господ, сполај му, - за да блаосоам времето да се препраит. Јас можам, Свети Петре, и така да го напраам, за се лето да бидит; арно ама полошо за вас ќе бидит; мисли арно, оти да не ми дојдиш текрар да ми додеваш да го преправам времето, како што си ет сега, да за тоа ти велам: помисли се малку, да не наместо добро да му напраиш на сиромасите, за да му напраиш уште по зло.

Вистина, Господи така е, ак си имаш на зборот, му рекол Свети Петар; арно ама сакам ова добро да ми го сториш, оти му се таксав на сиромаиот, за да те одмолам за оваа работа да ми поминит сега, за да не речит сиромаиот оти ти не ме слушаш и не ми го земаш зборот мене.

 Е, лели толку ми додеваш, Петре, еве ќе те послушам и ќевот ќе ти го напраам, ама ако излези нешто лошо од изменуањето на времето, најголемата мака на тебе и на твојата куќа можи да бидит. Ај, ој си со здравје сега, еве го блаосоив времето, да бидит се лето, за мило убаина.

За чудо големо! На часот беше се сменило времето, од кај што беше студено, се стопли за убаина.

Од ден на ден се топлело времето и дошло се лето да бидит. Кога видоа сиромасите оти времето беше се свртило на лето, голема радос праеле и гологлаи се молеле на Господ, за животот од Свети Петра, дека тој го измолил Бога, за да бидит времето се лето.

Голем ќев праел и Свети Петар, дека слушал од сиромасите богдапроштањето нивно за него.

Неколку годиње наред се што лето било, и сиромасите си живееа и си велеа: „Еве време, еве стока, ете вака требаше уште кога се создал веков се топло да беше, за сиромасите мака да не тргаа, како што тргаа до сега.“ Покрај сиромасите што се радуали, поеќе и богатите се радуали, чунки нивјето, ливаѓето, лозјата голем бериќет му давале. На таја убаина што било од топлото време, не саде луѓето што се радуале, ами до што била животинка по земјата сите ми се множеле и што беше се родило нито едно не беше пцојсало: змии, смокои, гуштери, гуштерици, жаби, крабари, волци, мечки, лисици и друзи скотои.

А пак муи и оси со комарци прс и плева беа се намножиле. Секој чоек држел по една коњска опашка в рака, за да се бранат дење од тие животинки, а пак ноќе живот немале од тавтабиди. Нито луѓето можеле да живеат од тие животинки, нито пак имањето можеле да живеат. А пак сета земја беше се исполнила со жаби и жабари, место празно не останало, без да имат жаби; санким со камење беше послана земјата од што многу жаби беше се намножиле. Де море ал де! Ете кој бара рогои ќе загуби и уши, што рекле стари.

Кога беа расле, расле жабите беа се сториле колку едни гуски големи, а пак царот на жабите жабарот беше пораснал голем колку една куќа.  Едни очи што имал колку една црепна големи, за триста страои беше бил, секој што ќе го видеше жабарот се ќе речеше: „Леле брате, што беше она страои!?“ Се усука луѓе, брате мило, фатиа да и тепаат жабите ѓоа да си распраат двороите; арно ама една дури да отепал чоек, со саати ќе мавал, а пак од викањето на тепаните жаби, сите жаби се збирале и викале до небеси со гласји за триста страои. Си најдоа бељата луѓето, никаков крај не можеле да најдат.

 Море ајде бре луѓе, беше рекле, да ојме кај Свети Петра да му се молиме, да појди кај Бога, да го моли, за и стори дев овие животинки, што не не стават раат да живеиме и раат да си работиме.

Многупати беше отишле кај Свети Петар, да го молат, арно ама Свети Петар се страмел да ојт кај Бога, за да го молит. На тоа згора, еве што беља беше го нашла Свети Петра. едно утро станала ќерка му од Свети Петра да рини од дворот со лопата жаби, за ѓоа дворот да го распраит. На тој саат беше му дошол патот од жабарот да поминит пред портата од Свети Петра и ја видел ќерка му од Свети Петра, кога и ринела со лопата жабите.

Заошто и риниш, мори, жабите така со лопата? – му рекол жабарот.

Ами, не ќе и ринам, зер ќе му постелам, овде во дворот ми се напикале како овци.

 Е, лели така, чекај да видиш кому прозборуаш ти, - је рекол жабарот на ќерка му од Свети Петра, и си заминал. Вечерта беше пратил жабарот стројници кај Свети Петра, за да му ја сакаат ќерка му за невеста за жабарот. Кога и чуле Свети Петар и Света Петројца од стројниците зборојте, косата беше му се накренала од страв и од страм.

Аман бре браќа, нека не бидит каил жабарот, да ни ја земит ќерка ни за невеста, оти една е у мајка и у татка, му рече Свети Петар, нека земит од кај што имат поеќе девојчиња, така носите му здраво и живо на жабарот, го молиме од земи до небо, каил да се не стори.

Аман бре браќа, и јас многу му се молам на жабарот му рекла Света Петројца да не кајдисат на ќерка ми да ја земит и да ми ја уплашит, оти таја ми ет галена и кочена, се со шеќер ранета, ич бидуат ќерка ми за жабар да ет невеста? Повелете еден бовчалак земете го и однесете му го на жабарот бакшиш од мене. Ајте ми со здравје, браќа, така здраво и живо носете му на жабарот од нас.

Си зедоа стројниците бовчалакот и појдоа кај жабарот, та му кажаа за се што беше му рекле Свети Петар и Света Петројца.

Море, не ме лажит Свети Петар и Света Петројца мене – му рекол, жабарот на стројниците – со еден бовчалак, јас ја ќерка му ќе ја земам за невеста, ја ќе умрам.

На часот курдисал жабарот свадба, распратил стројници за да канат сватои. Поканиле: змии, смокои, гуштери, гуштерици, жаби, жабари и сите друзи животинки. Сите се собрале кај жабарот сватојте. Рупнаа тапаните в жабарските дворои, се раиграа сватоите, туко така ’рскот и пукот одело во куќата од жабарот. Беше му пратил абер жабарот на Свети Петра да ја стори азар ќерка си, оти ќе појдел со сватоите да ја земи. Коа беше му дошол аберот од жабарот кај Свети Петра, оти ќе дојдел да му ја земи ќерка му, се расплакал и фатил брадата да си ја кубит, а Света Петрејца косите си кубеше. На чудо Свети Петар беше тргнал да ојт на планина при  Бога да му се молит; паднал на коленици и дал вик што да можи:

Аман, Господи, поможи ми, и избави ме од жабаро, оти ќерка ми ќе ми ја земит.

- Е, виде, Свети Петре, оти полошо се стори времето, откога го сторив саде лето да бидит.

- Грешив, Господи прости ме,- беше му рекол Свети Петар, јас сторив ти не чини.

 Ај, ој си со здравје Свети Петре, - му рекол Господ, - и не бери гајле, јас ќерка ти ќе ти ја избавам.

Кога приближил Свети Петар до куќата, што да видит: иље и миље жаби и змии и смокои, обколена куќата беше била. Ја зел жабарот ќерка му и ја вкачил на кола со два вола и зауздал волоите со змии и смокои и тргнал дома да си одит. Од кај што беше времето топло, туку веднаш беше завеал еден силен ветар од северна страна, што од сила беше замрзнала земјата близу девет педи; страшна фуртуна била и се што било живо беше замрзнало, кое кај беше одело, тамо останало. Од сите животинки најпосле беше пцојсал и жабарот. Откоа беше се здрвило сичко и беше се камнило, по повела Божја се поопраило времето и се вратила ќерка му од Свети Петра дома. Од голема радос немаше татко је и мајка је кај да ја клаат.

Еве сега како је поарно ја, - велеле луѓето, ако студи, барем раат сме од животинките што не мачеа.

    Од записите на Кузман Шапкарев.


АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »