Петар Печков
Објавено: среда, 12 февруари 2020
Понеделник на 17 февруари ќе почне санацијата на свлечиштето и потпорниот ѕид на регионалниот пат Велес–Градско, делницата на излезот од градот. Ова е најава која денес ја дистрибуираа од ЈП за државни патишта.
Карпата падна без малку пред две години, на 13 -ти марти 2018-та година. Предвидениот рок за извршување на работите е осум месеци, односно до 17.10.2020 година. Инвестициската проценета вредност за санацијата изнесува 62.441.350,74 денари.
При изведба на свлечиштето ќе се изврши ископ и санација на веќе пропаднатиот дел од патот со изградба на нов бетонски ѕид. Поставување на нова еластична ограда согласно со европските стандарди и демонтажа на старата ограда. Ќе се извршат земјени, геотехнички и ѕидарски работи на еден дел, односно ќе се изврши целосно торекетирање на околу 5.000 м2 со поставување на анкери, поставување на габиони и поставување на заштитни мрежи за да се спречат било какви одрони во иднина - соопшти денеска Јавното претпријатие за државни патишта.
За заокружување на работите ќе биде извршена санација на оштетениот асфалт со гребење и асфалтирање, со цел да се комплетира санацијата на свлечиштето. Во писмената информација нема податок дали патот од Велес кон Градско ќе биде слободен за користење.
МЖ инфраструктура за 36 часа го расчисти одронот на камења на пругата Велес- Градско, и таа беше слободна за да сообраќаат возовите.
Tweet |