Петар Печков
Објавено: вторник, 12 февруари 2019
Тутунопроизводителите од среда, 13 февруари ги повлекуваат нивните претставници во сите откупни пунктови во земјава. Поради ова, тие предупредуваат дека согласно Законот за тутун, ќе престане и откупот на тутунот.
Причината за ваквата мерка е што Централниот регистар не го прифаќа Ванчо Коцев од Неготино, ново избраниот претседател на Сојузот на здруженијата на тутунопроизводителите. Ова доаѓа по нивниот состанок одржан викендов во Велес, каде тие го искажаа незадоволството од неприфаќањето на одлуката на Вонредното Собрание одржано на 10-ти декември минатата година.
Не може да биде нелегитимно Собранието кое на идентичен начин во 2007-та го донесе како претседател досегашниот Кире Неделковски. Ние го разрешивме поради сомнежи за финансиски злоупотреби а предметот го предадовме во ОЈО Скопје - велат тутунопроизводителите од повеќе тутунски здруженија кои се собраа во Велес.
Централниот регистер ги отфрлил одлуките на Вонредното собрание оти немале доказ за утврдување на фактот дали иницијаторите имале легитимитет, поточно дало Вонредното Собрание било свикано од една третина на членовите на Собранието.
Тутунопроизводителите во писмена форма побараа и прием во Владата, премиерот Зоран Заев и надлежниот министер за земјоделие Љупчо Николовски за да можеле изворно да ги информираат со проблемот со кој се судруваат а за што имаат оформено и досие, каде и како Неделковски ги трошел парите.
Додаваат дека има уште тутунопроизводители кои не го предале тутунот и дека сопирањето на откупот, ќе има реакции кај тутунарите. Но нема да отстапат од нивното барање за упис на Коцев како нов претседател на Сојузот на здруженијата на тутунопроизводителите во Македонија.
Tweet |