Петар Печков
Објавено: вторник, 17 јануари 2012
Десетина дена од домашниот бунар на Трајче Тодоровски од велешкото село Стари Град извира топла вода. Чудото се случило на Божик, кога преку ноќ наместо ладна вода од него почнала да тече топла. Кога првпат забележале дека бунарот испарува, сопствениците помислиле дека станува збор за дефект на електро-моторот за црпење на водата. Таа во прво време била темна, мирисала на руда, а подоцна станала црвеникава. При денешната посетата на бунарот термометарот измери 41 степен а водата беше бистра, но имаше мирис и вкус, поради што домаќините не ја пијат. Бунарот е стар 80 години, длабок 7-8 метри и сега кога е отворен од него чури како да гори оган.
За прв пат топла вода протече на Божик и еве десет дена потоа состојбата е иста. Иако целосно го исцрпев бунарот, тој бргу се наполни за половина час, иако претходно му беа потребни и по два дена. Не би можел да кажам што се случи во меѓувреме, па наместо кочан ладна вода, да тече топла. Температурата варира од 34 до 44 степен а пареа излегува од бунарот, како да гори оган во него - вели Трајче Тодоровски, сопственик на бунарот.
Неговото семејство до 1995 година го користело бунарот само за миење. Оттогаш, веќе 17 години, по претходно бетонирање и уредување, бунарот се користи за пиење вода и перење алишта. Сега поради тоа што тече топла вода, тие за пиење ја користат водата од соседите. Ова чудо, за кое засега нема одговор го открила сопругата, кога ги перела садовите.
Кога на Божик ја пуштив чешмата, од неа протече топла вода. Се изненадив, бидејќи ја користиме водата од бунар, чија вода и во лете е ладна а не сега зимно време. Мислевме дека е нешто до моторот со која ја црпиме, но не беше од него. Во околината на селото нема вакво случај и на сите се чудиме. Да е нов бунар, нова вода може, ама вака на стар бунар да протече наеднаш топла вода тоа е чудо. Бунарот е стар 80 години и засега никој не ја испитал, нема стручно толкување. Дали е ова Божји дар бидејќи се случи на голем празник Божик, ќе покаже времето – вели Снежана Трајковска.
Тие не се сигурни како и што натаму, но ќе ги очекуваат со нетрпение резултатите од квалитетот на водата која беше однесена во Центарот за јавно здравје. И додека во дворот на Тодоровски се крева пареа од топлата вода, на само десетина метри од нивниот дом е селската чешма, кај која нема промена на квалитетот на водата. Нема промена ниту во останатите десетина бунари во селото и околината, кај нив и натаму тече кочан ладна вода. Локалните власти на Општина Чашка за оваа појава ги информирале стручњаците од повеќе Министерства и надлежни институции, барајќи одговор како од стариот бунар протече топла вода.
Tweet |