Петар Печков
Објавено: среда, 22 април 2020
Маски, шалови или марами со кои ќе се покријат носот и устата од утре, четврток се задолжителни за сите граѓани на територијата на целата земја. Ова денеска беше одлучено на седница на Владата. Техничкиот премиер Оливер Спасовски на прес-конференција ги објасни новите, т.н помеки мерки на Владата. Носот и устата може да бидат покриени со респираторна маска, хируршка маска за една употреба, свилена или памучна марама или шал. Оваа мерка, како што објасни Спасовски, се воведува бидејќи повеќето од заболените се заразиле со капки од вирусот кои ги вдишиле од заболено лице.
Нашата цел не е да казнуваме, туку да ја зголемиме свесноста на граѓаните. Ограничувањата ќе се намалат, но внимателноста треба да се зголеми, рече Спасовски.
Носот и устата ќе треба да бидат покриени на отворен и затворен простор и во јавен сообраќај. Заштитна опрема ќе треба да носиме во затворени јавни места, маркети, продавници, пошти, кога се возиме во автобус, на пазари, на отворени простори каде нема можност да се одржува физичка дистанца од два метра. Не треба да се носат ако се наоѓаме во двор или тераса во својот дом, ако спортуваме или ако се возиме во патничко возило со член од нашето семејство.
Со тоа што издржавте, вие станавте јунаците кои влијаевте на исправање на кривата, им порача Спасовски на граѓаните и им се заблагодари на здравствени работници и сите кои се вклучени во борбата со пандемијата.
Исто така се забранува групирање од повеќе од две лица, за да се избегне локална трансмисија на вирусот, а во групирањето нема да се вбројуваат деца под 14 години.
Tweet |