Петар Печков
Објавено: четврток, 29 октомври 2015
Железничкиот сообраќај кон Битола е во прекин од средата вечер, откако голем одрон падна на пругата Велес - Битола. Одронот од големи камења бил на делницата помеѓу станиците Мартолци и Стари Град.
За него Македонски железници биле информирани од полицијата околу 15 часот, така што од таму уверуваат, дека немало опасност воз да удри во камењата кои паднале на пругата.
Наши екипи се на терен, се работи да се расчисти одронот. Станува збор за огромни камени блокови, за кои можеби ќе биде потребно да се минираат. Постои опасност од друг камен блок, во близина на овој што се сруши, кој е пред паѓање. Бидејќи местото е мошне ризично за работа, тешко пристапно, можно е да се работи и утре, петок. Се надеваме дека најскоро железничкиот сообраќај ќе биде нормализиран - изјави Невзет Мамути портпаролот на МЖ Инфраструктура.
Реакции по вчерашното откажување на патувањето имало од педесетината патници кои останале на Железничка станица Велес, откако им било кажано дека железничкиот сообраќај е во прекин. Тие барале Железница да им обезбеди автобуски превоз до Битола, но тоа не го добиле па морале да плаќаат автобуски билет. Најлошо минале патниците за Богомила, каде нема ни автобуски превоз, па тие користеле такси услуги.
Tweet |