Петар Печков
Објавено: сабота, 07 ноември 2015
Големиот одрон на камења на пругата Велес -Битола е расчистен, но железничкиот сообраќај се уште не функционира. Пет дена екипите на ЈП Македонски железници -Инфраструктура работеле на расчистување на големите камени блокови. Користејќи ја сопствената механизација, одронот бил расчистен, иако имало ризик и опасност по вработените.
Одронот се расчисти, пругата е слободна за движење, но и натаму неупотреблива. Близу местото каде беше одронот, има карпа која е надвисната и е опасно за работа, за отстранување. Таа секој момент може да се сруши и се бараат решенија како да се реши. За тоа се ангажирани стручни лица, како карпата безбедно да се симне. Затоа железничкиот сообраќај до Битола и натаму е во прекин - изјави Невзат Мамути портпарол на МЖ инфраструктура.
Тие понудиле на МЖ Транспорт решение за возовите да продолжат да сообраќаат но да се вклучат и автобуси. Имено една композиција би возела до железничка станица Мартолци, потоа со автобус патниците би се префрлале до железничка станица Стари Град од каде возот би продолжувал до Битола.
Оваа понуда за МЖ Транспорт е неодржлива, оти тие немале ниту една патничка композиција на воз кој е ,,заробен во делницата од Битола до Богомила,,. Имало само пет товарни вагони кои се на станицата во Прилеп и тоа било се што се наоѓа во овој отсечен дел на пругата.
Одронот на карпи се случи минатата среда, на делницата помеѓу Мартолци и Стари град и оттогаш, железничкиот сообраќај на делницата Скопје - Битола и обратно е во прекин.
Tweet |