Петар Печков
Објавено: сабота, 31 јули 2021
Опозицискта ВМРО-ДПМНЕ бара да се стопира одлуката за платен паркинг во Велес. Оваа одлука на градоначалникот и мнозинството во Советот на Општина Велес од СДСМ, велат дека директно удирала по џебот на граѓаните, не го решавала проблемот со паркингот и дополнително го зголемува сообраќајниот хаос во градот.
„Во време кога народот постојано се осиромашува и му се наметнуваат постојано нови давачки кои само го празнат џебот на граѓаните, а истовремено луѓето остануваат на улица без работа, се носи одлука за отпочнување со плакање, на постоечките паркинг места во градот. СДС и нивната елита очигледно не се свесни колку корона кризата ги оштети граѓаните, а лошите политики со покачување на водата, акцизата на горивото, покачување на електричната енергија, воведување на еколошки такси само со една цел за да се покријат дупките во буџетот направени од недомаќинското работење, ги доведе на граѓаните на работ на егзистенција“ - кажа Филип Арлион на партиската прес конференција на ОО на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој дополни дека пред четири години кога сегашната власт ја барала поддршката на граѓаните не било спомнато ниту со еден збор дека паркинг просторот во градот се планира да го наплаќаат, напротив се ветувале капитални инвестиции со изградба на две катни гаражи.
„Токму сега одлучија дека треба да воведат платен паркинг, на 3 месеци пред избори? Треба ли ние граѓаните да го платиме згрижувањето на дваесеетина вработени партиски послушници за да има кој да ја трча нивната кампања? Излажаа, не обезбедија ни катна гаража ниту пак нови паркинг места, дури воопшто не го ни обележаа паркинг просторот кој го планираат за наплаќање. Дополнително е смешна одлуката во која се гледа нестратешкиот пристап и потребата само за полнење на буџетот поради тоа што по целата должина на главните улици - Благој Ѓорев и 8ми Септември не може да се наплаќа паркинг просторот, ама за сметка на тоа ќе им се наплаќа на граѓаните пред нивните домови“ - рече портпаролот Арлион.
Од опозицијата семтаат дека за вакво решение не ги прашале велешани, што мислат за тоа. He бил консултиран ниту еден експерт, не бил направена соодветна студија и не била отворена јавна дебата.
„Затоа треба веднаш да се донесе одлука за привремено стопирање на наплатата на паркинг услуги, да се обезбедат паркинг места и да изготват квалитетни сообраќајни решенија бидејќи Велес знаеме дека е град со специфични улици и патишта на кои во изминативе години СДСМ не успеа ниту дупките да ги пополни“ заврши Арлион.
Tweet |