речник контакт

Општина Велес ќе стипендира седум бруцоши од на Технолошко- техничкиот факултет од Велес

Ќе се плаќа уписот за прва година во висина од 200 евра, за седум студенти

Петар Печков

Советот на Општина Велес донесе одлука со која финансиски ќе го помага школувањето на бруцошите од општината, кои се на прва година на Технолошко- техничкиот факултет од Велес при Универзитетот Св. Климент Охридски од Битола. Ќе се субвенционираат седум студенти со по 200 евра за упис, по сто евра   за есенскиот и пролетниот семестар. Средствата за оваа цел се обезбедуваат од Буџетот на Општина Велес. Истата одлука беше донесена со мнозинство гласови на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и Левица, додека СДСМ беа воздржани. 

Право на субвенција имаат средношколци-матуранти, идни студенти кои завршиле средно образование, се жители на Општина Велес и се запишуваат во прва година на студии на Tехнолошко-технички факултет Велес, Универзитет „Св. Климент Охридски“-Битола во Велес на прв циклус студии. 

Субвенцијата се доделува во форма на парична помош во износ од 200 евра во денарска противвредност по студент односно по 100 евра во семестар. Исплатата на средствата се врши од Општина Велес директно на сметка на факултетот  со прилог доказ за упис во прва година на прв циклус. 

Оваа мерка има за цел да придонесе кон создавање на квалификуван стручен кадар кој во иднина ќе може да се вклучи во развојот на локалната економија, иновациите и технолошкиот напредок на општината.

Советникот од СДСМ Јованче Манасков изрази несогласување, оти сметаше дека седум студенти се премалку, зошто само за студентите на  Технолошко- техничкиот факултет и зошто не и на други студенти. 

Одговорот стигна од претседателот на Советот, Даниел Јаневски. Тој кажа дека студентите ќе се субвенционираат врз основа на потпишаниот меморандум за соработка помеѓу Општина Велес и Технолошко- техничкиот факултет, бидејќи факултетот е со седиште од Велес, дека во овој период во Буџетот има средства за седум студенти и дека локалната власт заедно со бизнис секторот даваат 20 стипендии за студентите од општината. 

АНКЕТА »

Дали сте за враќање на платениот паркинг во Велес, за надминување на проблемот со паркирањето?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »