речник контакт

Општина Неготино и Јавните претпријатија со ниска реализација на јавните набавки, можен индикатор за лошо менаџирање

Во процесот на спроведување на јавните набавки на општината забележани се низа недостатоци

Петар Печков

Корупцијата е широко распространета во нашето општество во повеќе сфери, но пред се во јавните набавки, јавните и државни претпријатија, јавната администрација, здравството, урбанизмот.

Присутна е во сите фази на спроведување на процесот на јавните набавки, од нивното планирање па се до финалната реализиција.

Со оглед на тоа дека вредноста на јавните набавки во Република Северна Македонија годишно се движи од една до една и пол милијарда евра и учествува во Буџетот на државата со 24% од клучно значење е вистинско менаџирање на процесот на јавните набавки со цел да се обезбеди подобар квалитет на животот на граѓаните пред се во локалната средина.

Од друга страна пак, дури 390 милиони евра годишно, односно една третина од парите кои се трошат за јавни набавки, одат на корупција, наместо за потребите на граѓаните. За да се намали оваа појава потребно е граѓаните да се обидат да ја спречат корупцијата што постои во јавните набавки што ги спроведуваат државните институции на централно и локално ниво.

Токму затоа девет невладини организации обединети во проектот „Заштита од корупција“ вршеа мониторинг на процесот на јавни набавки во осум општини, а една од нив е и Општина Неготино.

Во процесот на спроведување на јавните набавки на општината забележани се низа недостатоци. Ниска е реализацијата на планот за јавни набавки во Општина Неготино, па така во 2023 година реализирани се само 69 % од планот, но висока е промената на плановите за јавни набавки  со 44 %, што може да се оцени како ризична.  Споредено со податоци од 2021 година, може да се констатира дека  за четири отсто е намален процентот на  промената на планот. Тој пред три години  бил со 66 %  додека кај  реализацијата нема промени,  останала ниска со 67 %.

Нискиот процент на реализација на годишните планови за јавни набавки може да претставува индикатор за лошо менаџирање на потребите. Во оваа анализа вклучени се и двете Јавни претпријатија, кои работат во Општина Неготино и се формирани од локалната власт.

Ниска е реализација на планот за јавни набавки и во  ЈП Комуналец - 58% и во  ЈП Паркинзи 71 %. Ако се спореди од  пред две години во 2021, процентот е подобрен,  поточно намален за  7 односно 2,5 проценти,  кога во  ЈП Комуналец била 65 % а во  ЈП Паркинзи 74%. Промената на планот кај ЈП Комуналец е ниска и изнесува 15 %, додека кај ЈП Паркинзи нема промена на планот на јавни набавки.

Во истражуваните институции, Општина Неготино, ЈП Комуналец и ЈП Паркинзи во 2023 е забележано дека просечниот број на понуди по тендер е под 3,58, што е национален просек и претставува индикатор дека отвореноста на јавните набавки е загрозена. Во  Општина Неготино просечниот број на понуди по тендер е  3,46  во  ЈП Комуналец 2,34,  а најнизок е во  ЈП Паркинзи 1,55 по тендер.

Уделот на тендери со една понуда во општината е под 20 отсто или 19,3.  Удел на тендери со една понуда поголем од 20 % е загрижувачки,  таква е состојбата во ЈП Паркинзи со 66 % и ЈП Комуналец со 35 %.

Единствено во ЈП Паркинзи уделот на вредноста на договори за јавни набавки на една фирма е над 40 % од вкупната вредност на тендерите на институцијата во анализаниот период. 

Друштво за производство,трговија и услуги КОДЕКС КОМПЈУТЕРИ ДОО увоз-извоз Кавадарци има концентрација од 48 %  со вредност на договори од 893.152 денари, а  вкупна вредност на договорите во 2023 била 1.847.250 денари. Во останатите две институции концентрацијата е под просекот,  во Општина Неготино  концентрација била  32 % а во ЈП Комуналец 18  %.

Во трите институции има висок процнет на огласи кои се спроведени преку е-аукција, ЈП Паркинзи со 100%, Општина Неготино со 91, а ЈП Комуналец со 77 %.

Поништувањето на постапките во трите инсттиуции покажува дека најмногу поништени постапки има ЈП Комуналец 13, при што 11 се целосно поништени а две делумно. Општина Неготино имала 10 поништени постапки и сите 10 се целосно поништени, додека  ЈП Паркинзи има само една постапка која била целосно поништена или 16 %. Споредено со 2021 година Општина Неготино  тогаш поништила една четвртина од постапките за јавни набавки односно 25 %, а лани 13 %. Уделот на поништени постапки кај јавното претпријатие ЈП Комуналец од  6% пораснал лани на 23 % , а ЈП Паркинзи не поништиле ниту една постапка. 

Во 2023 година ниту една од трите истажувани институции немала склучено договор без претходно објавување на оглас, исто  така било и  во 2021 година.

„За да се надминат воочените слабости општината треба да изработи и применува интерен акт (процедура или упатство) за спроведување на јавните набавки, во којшто ќе се утврди начинот на постапување на вработените службеници и на надворешните соработници во сите фази од процесот на јавните набавки.  Исто така општината треба да го подобри процесот на планирање на јавните набавки зошто честите промени во планот водат кон лошо планирање на јавните набавки и кон неефикасно управување со јавните средства. Да се внимава со тендерските документации и техничките спецификации да не се ограничува конкуренцијата, туку таа да се поттикнува за да се добие поголем број понуди. Електронската аукција општината треба да ја применува само за производи со познат и стандардизиран квалитет и за коишто постои конкуренција на пазарот. Треба да се избегнува честото поништување на постапката по одредени основи“ вели Олгица Наумоска од ЕД Вила Зора, организација која учествуваше во истражувањето во рамки на проектот „Заштита од корупција“.

Во однос на трансапрентноста и отчетноста во однос на јавните набавки Општина Неготино на својата веб-страница ги објавува огласите за јавни набавки и склучените договори. Оваа обврска ја почитува и ЈП Комуналец, додека пак ЈП Паркинзи нема ниту своја веб-страница.

Но,  слабости се воочени во однос на навременоста во објавувањето на информациите за склучените договори на Електронскиот систем за јавни набавки, што е и законска обврска. Општина Неготино за само третина од договорите за јавни набавки го испочитувала рокот од 10 дена за објавување на договорите, додека ЈП Паркинзи таа обврска ја испочитувала за  две третини од договорите.

Кај сите три институции негативно е оценето тоа што општина и локалните јавни претпријатија не ја почитуваат во целост законска обврска да ја информираат јавноста за тоа како им се реализирани договорите за јавни набавки.

„Со цел да се  намали просторот за корупција, граѓаните да бидат поинформирани, а со тоа и  да имаат поголем увид како се трошат парите на граѓаните во насока на подобрување на квалитетот на животот потребни е општината да  обезбеди  обезбеди поголема транспарентност и релевантни информации за јавните набавки.

Граѓаните мора да бидат информирани за да можат да влијаат врз носителите на локалната власт парите од буџетот да ги трошат наменски и рационално.„ додава Наумоска.

Во насока на натамошна поддршка на општините за борба против корупција невладините организации најавуваат и изготвување на Акциски планови на општините за заштита од корупција.

Овие планови ќе ги опфатат јавните набавки, но и други области кои се оценети како ризични од корупција, а тоа се процесот на давање на услуги (одобренија, дозволи – градежни дозволи, Б  интегрирани дозволи итн.), доделување на средства од буџетот,  несоодветно управување со имотот на општината (продажба на градежно земјиште, доделување на користење на објектите за спорт итн.), намалување на ризиците од корупција во инспекцискиот надзор и контрола, како и во управувањето со јавните финансии. 

Оваа новинарска сторија е изготвена во рамките на проектот „Заштита од корупција“ што го спроведува Центарот за граѓански комуникации со финансиска помош од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје. Содржината на сторијата е единствена одговорност на новинарот и медиумот. 

 фото:  веб Општина Неготино

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »