Петар Печков
Објавено: среда, 11 јануари 2012
Општина Велес ќе отвора две нови индустриски зони. За разлика од постојните, новите ќе нудат поголеми плацови за поголеми инвеститори. Во локалната власт е веќе започната постапката, за што поскоро да се завршат административните работи а од пролет да се започне и со работа на инфраструктурата.
Поголемите инвеститори бараат поголеми површини. Без проблем се продадоа постојните плацови од илјада и две илјади метри квадратни, сега ќе нудиме од 10 до 20 илјади метри квадратни. Само така можеме да очекуваме сериозни и големи инвестиции. Тие барат постапката за издавање на градежна дозвола да почне веднаш а со тоа и градбата – вели Горан Петров градоначалникот на општина Велес.
Двете зони ќе бидат лоцирани во близина на градот, првата кај селото Караслари, покрај автопатот Скопје – Гевгелија и втората на вливот од реката Бабуна во Вардар. Тие ќе се простираат на по десет хектари. Постојните две индустриски зони во Велес Узус и Речани се продадени, првата со веќе започнати стопански активности, додека на втората поголем дел од плацовите не се користат и се празни.
Tweet |