Петар Печков
Објавено: вторник, 21 јануари 2014
Двајца скопјани ќе одлежат заедно осум години затвор, затоа што се обиделе да пренесат 2,5 кг. хероин во Македонија. Филип Димишковски (37 год) и Снежана Алексовска (46 год) негова пријателка во Основниот суд во Велес се прогласени за виновни за недозволена дистрибуција на опојни средства и добија по четири години зазтвор.
Според обвинението на 31 август лани околу 12,30 часот, на ГП „Богородица“ при влез во Македонија, во автомобилот „Цитроен Ц 4“ сопственост на рента-кар компанија од Скопје, управувано од Алексовска, во багажниот простор во фабричките празнини, била пронајдена дрога хероин,спакуван во пет пакувања од по околу половина килограм.
Димишковски го организирал транспортот на хероинот, на тој начин што ја ангажирал Алексовска како транспортер со рент-а-кар возило. Таа била сама во возилото а Филип бил со малолетната ќерката во друго возило, кога бил откриен шверцот на хероин. Димишковски бескрупулозно организирал транспортот на дрогата и тоа не му бил за прв пат.
На 28.05.2012 година на излез од Турција, при контрола на автомобил „БМВ“ сопственост и управувано од неговата сопруга, а како сопатник бил неговиот татко и малолетната ќерка, пронајдени и одземени се 38 пакувања со вкупна количина од 20 кг хероин. Неговиот татко и сопруга за ова се наоѓаат на издржување казна затвор во Турција.
Освен бескрупулозната злоупотреба на сопствената ќерка, за Димишковски било карактеристично и користењето на зголемената фреквенција на граничните премини во текот на туристичката сезона. Алексовска со солзи ја прифати пресудата, оти тврдеше дека е невина и дека таа не знаела за дрогата а тој и ја сместил кога биле во Турција, додека ги побрал клучевите за да го паркира автомобилот.
Димишковски тврдеше дека нема врска со овој шверц на хероин. Алексовска е пуштена од притвор, додека Димишковски останува во Шутка.
Tweet |