речник контакт

Отворена е изложбата „Кружни поврзувања“ на Петра Јовановска со нејзините гости уметници , сите автори од Чешка

Во Ликовниот салон се претставени 32 дела, работени во различни техники

Петар Печков

Вечерва во Ликовниот салон во Велес отворена е изложба на дела од Петра Јовановска и двајца нејзини гости, уметниците Шарка Цоганова и Вит Павлик,  сите од Чешка. Изложбата е насловена „Кружни поврзувања и на неа се претставени 32 дела, работени во различни техники, гостите по пет дела, останатите се на Петра.

„Моите дела се диптиси, полиптиси. Јас подолго време го истражувам кругот, патувам низ него, пробувам да избегам од него. Но се уште не успеав да се оттргнам од кругот. Тој за мене има голема симболика, бидејќи тој е сонцето, земјата, вселената. Ако се погледне поинаку, тој е животен циклус, денот, месецот, годината. Се што доживувам во текот на денот, јас вметнувам во кругот, и тој за мене  има голема симболика иако е единствен по геометриска форма“ - кажа Јовановска.  

Таа по професија е графичар, слободен уметник, која живее и работи во Скопје. Затоа дел од делата се изработени во графичка техника и сув печат.   Павлик се претставува со акрил  а Цоганова со монотипија, преод од класична до експериментална графика.

„Кругот за Петра Јовановска е симбол и воедно и творечка и животна филозофија. Шарка Цоганова во сопствената креативна работа се фокусира на полето на алтернативната графика, особено на изразувањето на најдлабокото искуство. Уметничкиот опсег на Вит Павлик е широк. Тој оди низ различни области на уметноста, барајќи взаемно влијание и комуникативни вредности. Овој пат заедно се обидоа да направат визуелна приказна со ликовно прикажување на кружно поврзување кое ги наметнува симболот на кругот“- кажа Елица Николова, од Народниот музеј, историчар на уметноста, отворајќи ја изложбата.

Изложбата е финансиски поддржана со годишната програма на Министерството за култура а ја организираше Народен музеј од Велес.  Случајно или не, на исиот ден, на истото место, пред шест години, Јовановска  со група нејзини чешки колеги се претстави со изложба во Велес.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »